Од денес секој ден на протест пред Влада, велат организаторите на настани

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Денеска во 12 часот пред зградата на Владата ќе се одржи протест на компаниите од индустријата за организација на настани. Најавуваат прес-конференција во 13 часот. Од Асоцијацијата најавуваат дека протестите ќе се организираат секој ден од 12 до 15 часот до постигнување на заемно прифатливо и одржливо решение. Тие велат дека нивниот сектор во 2020 година бил еден од најпогодените од пандемијата и со пад на прометот од 62% се наоѓаат пред колапс.

Во нивната вчерашна објава на Фејсбук, пишува:

 „Денес во медиумите беа објавени написи со претставници на Владата, посветени на нашата дејност, преку кои се добива целосно неточна слика за таканаречената помош.

Во интерес на вистината, да зборуваме со факти а не со ПР флоскули.

На самиот почеток, вицепремиерот Битиќи вели – „Обезбедивме еден милион евра неповратни финансиски средства за организација на најмалку 40-тина настани, за чија реализација очекуваме да бидат ангажирани повеќе од 100 компании…„

Се разбира дека кога некој најмува организатор за некој настан, средствата што ги плаќа се неповратни, како и за секој друг настан. Не гледаме каков подвиг направиле и зошто уште на самиот почеток се потенцира зборот неповратни. Тоа не се неповратни средства туку исплата за услуга што е побарана и завршена.

Понатаму во текстот се вели: „Целта е да се поддржат компаниите да продолжат да работат, да се поттикнат да го прифатат предизвикот да се прилагодат на променетите услови и да го искористат својот креативен капацитет за да креираат содржина во која сите ќе можеме да уживаме, како што тоа го прават години наназад.

Компаниите во ивент индустријата немаат проблем со својот креативен капацитет, туку со неможноста да работат. Имаат проблем бидејќи не е возможно да се направи настан заради бројот на заболени и бројот на секојдневно починати, заради немањето на вакцини и најнизок процент на имунизација во регионот, заради препораките што секојдневно ги слушаме да не се групираме и да избегнуваме места каде што има поголеми групи на луѓе. Настаните се колективна енергија, настаните се искуство и ние точно знаеме што тоа значи. Ние немаме проблем да креираме содржини, туку истите да ги спроведеме во овие услови и притоа тоа да биде финансиски одржливо.

Таканаречената помош ќе се спроведе преку конкурс, а ќе треба да се конкурира на зададена тема, т.е. 30 години независност и 20 години рамковен договор. Тоа не е помош со неповратни средства или грантови за нашата индустрија, туку конкурс за ангажман на организатори за содржини за Владата. Ваквите конкурси требале да бидат пракса и во минатото, како и за секоја друга јавна набавка платена со народни пари. Зошто тоа не било така, ќе анализираме во некои идни времиња.

За конкурсот не знаеме детали, ниту кои ќе бидат точните критериуми, ниту која комисија ќе ја оценува подобноста или квалитетот на пријавените концепти, ниту кој се ќе има право да конкурира.

Велат дека ќе бидат финансирани најмалку 40 настани а „помош„ ќе добиеле повеќе од 100 компании. Значи потврдуваат дека ќе добијат само дел, оние одбраните, а не и сите компании. Каква е таа помош и по кој критериум ќе се доделува?

Ние како Асоцијација не ги делиме колегите по ниту еден основ и затоа остануваме на ставот дека ако се доделува помош, таа секако треба да биде под одредени услови, но да ја добијат сите компании.

Исто така, остануваме на ставот дека тоа што Владата ќе распише конкурс за организатори на нејзината програма за одбележување на значајни настани е добра пракса што треба да продолжи и во иднина но никако не прифаќаме истиот да се нарекува помош, бидејќи не е. Една компанија од добиените средства ќе потроши најмалку 85% за реализација на настанот. Очигледно постои тотално непознавање на индустријата штом се мисли дека со еден настан може компанијата да преживее или да ги покрие сите напластени обврски од цела една година забрана за работа.

Ние не сме неработници, кога би можеле да бираме, секако ќе одбереме да работиме и сами да си заработиме, како што тоа и до сега сме го правеле. Кога некој би знаел да ни каже дали и кога ќе може да ги вратиме настаните, нема да има посреќни од нас.

Остануваме на ставот дека под итно треба помош за оваа дејност, правична и фер за сите, без поделби на подобни и неподобни. Затоа, ќе бидеме пред Влада секој ден од 12 до 15 часот, се додека не изнајдеме квалитетно решение прифатливо за сите!“

Липо ласер и спа капсула за прв пат во Прилеп

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Липо ласер и спа капсула за прв пат во Прилеп

Play Video

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи