Само 3% од светските екосистеми остануваат недопрени од човекот

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Само 3% од светската површина останува еколошки недопрена, со здрави животни и живеалишта кои не се нарушени, покажува нова студија, а пренесува Гардијан.

Овие делчиња на дивината недопрени од човечките активности се наоѓаат во тропските шуми на Амазонија и Конго, источен Сибир, Сахара и во северноканадските шуми и тундра. Инвазивните видови како мачки, зајаци, лисици и кози имале големо влијание врз домородните видови во Австралија, каде што не биле пронајдени недопрени области. Најзачуваните области се идентификувани на територии со кои управуваат домородни заедници, а во истражувањето не бил вклучен Антарктик.

Претходните анализи главно се базираа на сателитски снимки и според нив, 20-40% од Земјината површина се под мало влијание на човекот. Сепак, научниците кои стојат зад новата студија тврдат дека шумите, саваната и тундрите може да изгледаат недопрени одозгора, но дека на теренот недостасуваат витални видови.

Истражувачите предлагаат повторно воведување на мал број важни видови во некои оштетени области, како што се слонови или волци – потег што според нив може да ја врати еколошката недопреност до 20% од светската површина. Слоновите, на пример, шират семе и создаваат важни расчистувања во шумите, додека волците можат да контролираат популации на елени и срни.

„Можно е да се зголемат еколошки недопрените области на 20% преку наменско повторно воведување на одредени видови во некои области. Ова успешно е направено во националниот парк Јелоустоун, каде што повторно биле населени волци, што го трансформирало екосистемот“, вели Ендрју Пламптри, главниот автор на студијата.

Широко е прифатено дека светот е во криза со биолошка разновидност, со многу популации на диви животни – од лавови до инсекти – кои опаѓаат, главно поради уништување на живеалиштата за земјоделство и градежништво. Некои научници сметаат дека започнува шестото масовно истребување на животот на Земјата, со сериозни последици врз храната и чиста вода и воздух од кои зависи човештвото.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи