Дигитализацијата е приоритет во новото време и затоа се воведуваат сè повеќе дигитални услуги на порталот e-uslugi.gov.mk. Тие се побрзи за корисниците зашто се минимизираат бирократските процедури, се намалува можноста од грешки од човечки фактор зашто автоматско е евалуирањето при рангирањето, нема дискрециски овластувања, протекционизам и корупција.
Голем број е-услуги се достапни во областа на образованието – се применува нов систем за дигитално апилицирање на конкурсите за стипендии за ученици и студенти и за прием во домовите, дигитално е нострифицирањето на странски дипломи и свидетелства, аплицирањето на општините до МОН за инфраструктурни проекти и реновирање на училишта, а од мај ќе биде воведена и нова услуга – дигитално запишување на првачињата за учебната 2021/2022 година.
Уписите во основното образование од септември ќе бидат во дигитална форма и тоа е нешто на што работевме во изминатиот период, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска на конференцијата за дигитализација на јавните услуги во областа на образованието.
Царовска истакна дека нејзиниот мандат го одбележуваат токму реформите во основното образование и таа изрази надеж дека родителите ќе ја користат оваа можност за онлајн уписи на првачиња.
„Ќе биде овозможено онлајн запишување на учениците од прво одделение и се надевам дека родителите ќе ја искористат оваа можност и повеќе нема да се создаваат големи гужви во училиштата“, истакна Царовска.
Покрај ова, на конференцијата за дигитализација беше истакнато и дека се дигитализирани и постапките за нострификација на дипломи и свидетелства стекнати во странство, како и онлајн можност за апликации на студентите за доделување на стипендии.