Жените на породилно отсуство ќе излезат на протест – надлежните се глуви за нивните барања

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Со години наназад се бара породилното отсуство да биде продолжено на повеќе од 9 месеци, а во екот на пандемијата кој во моментов го има најсилниот бран на Ковид-19, тие наидуваат на затворени врати. Сега, родилките најавуваат протести на улица со бебињата, ако надлежните не покажат слух за нивните барања. Тие се плашат дека ќе треба да ги напуштат работните места бидејќи градинките не се во можност да ги примат нивните деца поради протоколите.

Според најавата, околу 1.500 жени кои се на платено породилно отсуство со своите бебиња ќе излезат на улица, бидејќи сметаат дека нивниот проблем ќе биде повидлив ако протестираат.

„Ние мајките кои сме на платено породилно отсуство, бараме истото да ни биде продолжено бидејќи немаме каде да ги оставиме нашите бебиња за да тргнеме на работа. Доведени сме во крајно незавидна ситуација“, стои во петицијата која ја покренаа преку социјалните мрежи.

Финансиската состојба на многумина не им дозволува децата да ги пуштат во приватна градинка или пак да ангажираат дадилка, па се принудени да даваат отказ на работа. Притисоците за враќање на работа од една страна станаа секојдневие, а не се нуди никакво решение за гореспоменатите проблеми од друга страна.

Тие велат дека од Министерство за труд и социјала им одговориле дека ја следат состојбата со градинките но не можат ништо да направат бидејќи Комисијата за заразни болести не дозволувала зголемување на бројот.

„Ве информираме дека состојбата со градинките се следи на дневно ниво и се постапува строго предвидените препораки на Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца по престанување на траењето на вонредната состојба, подготвен од страна на Министерството за труд и социјална политика како ресорно министерство и Комисијата за заразни болести. Владата на 14.09. 2020 година го прифати Предлогот за изменување на Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца и тоа: воспитните групи за деца до две годишна возраст да имаат максимум по 12 деца и групите за децата од 2 до 10 годишна возраст да имаат по максимум 15 деца и двајца вработени во смена. Инаку, со последното барање кое беше упатено од наша страна до Комисијата за заразни болести добиен е одговор дека според епидемиолошката состојба која е во моментов, Комисијата не дозволува зголемување на број на деца во воспитните групи. Истовремено, Министерството за труд и социјална работа испрати препорака до Јавните детски установи за отворање на нови воспитни групи, доколку објектот има можност за просторна адаптација во самата градинка. Со тоа се овозможува опфат на повеќе деца во градинките и истовремено им се излага во пресрет на родителите. Исто така, ве информираме дека, од повторното отворање на градинките досега Комисијата нема дадено препораки за нивно затворање , ниту препорака за продолжување на породилното отсуство. Како Влада и како ресорно министерство продолжуваме да ги спроведуваме и почитуваме донесените препораки и мерки на Комисијата за заразни болести, како стручно тело за справување со КОВИД 19“ – стои во одговорот од Министерството за труд и социјала.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи