ВИДЕО – Прилепчанката Ирина Јованоска петкратен државен шампион во стрелаштво-младите никогаш да не се откажуваат од својот сон


17 годишната Ирина Јованоска од Прилеп е петкратен државен шампион во стрелаштво. Со овој спорт започнала да се занимава уште на свои 7 години. За разлика можеби од другите девојки на нејзина возраст, кои во тој период најмногу си играат со кукли, нејзина омилена играчка биле пушките и пиштолите.

 

 

„Моите  родители ме однесоа во продавница за играчки и таму јас одбрав да си земам пушка и пиштол на дијаболи. Кога веќе дојде време да започнам со нешто да се занимавам, кога ме прашаа моите родители со што сакам да се занимавам, јас им одговорив дека сакам нешто што е поврзано со оружјето и тие ме однесоја и ме запознаа со овој спорт.

Значи немаше некој претходно во семејството да се занимава со ова?

Не“, вели Јованоска.

Прво започнала да се натпреварува во националната програма, за да добие можност потоа да се натпреварува и во меѓународната програма, односно да излегува и на меѓународни натпревари. Но за тоа на Ирина и беше потребна и професионална пушка која и покрај сите огромни успеси државата немаше желба да и ја набави. Оваа пушка и ја купил анонимен донатор од САД после прилозите кои ги направивме на оваа тема во 2018 година.

За овој спорт Јованоска вели дека најпотребна е психичката подготвеност, но исто така и соодветна опрема,а како што се пушката и специјалното одело.

„ Многу е важна психолошката состојба, односно како сме психички спремни за да се занимаваме со овој спорт бидејќи најважна е концентрацијата тука и треба да сме максимално додека тренираме, исто така и на натпреварите, многу е важно да го држиме целиот натпревар со истиот континуитет, односно да сме цело време спремни и психички присутни на натпреварот, за да можеме да го издржиме од почеток до крај, за да можеме да го направиме најдобриот резултат.

Освен физичката и психичката подготвеност, од страна на опрема, што е потребно за еден човек да може да се занимава со стрелаштво?

За тоа е потребна опрема, како што гледате, горен и долен дел и обувки. Исто така, потребна е пушка. Едно одело, отприлика, едно нормално одело со кое што ќе можеш да се натпреваруваш и надвор од државата и одело кое ќе биде по твоите мери ќе биде околу 600 до 700 евра“, додава Јованоска.

Дневно на стрелаштвото му посветува по 2 часа, вели дека се повеќе млади сега се приклучувале кон овој спорт, но пандемијата малку ја намалија можноста од упис на нов членови.

„Себеси се гледам да можам да ја претставам Македонија во најдобро светло, а нормално и клубот каде што тренирам, односно клубот „Херои“ Прилеп. Се надевам дека еден ден ќе можам и ќе успеам да направам некои добри резултати со кои ќе бидам прво јас задоволна, а потоа и останатите во градот и во државата“, рече Јованоска.

Во моментов таа учи во СОУ „Ѓорче Петров“ во Прилеп, во отсекот фармацевски техничар. Себеси во иднина се гледа како професионалне и фармацевт, но и стрелец.

Сега со пандемијата е многу тешко за да се одржуваат тренинзите. Тренинзите се намалени, затоа што сега и со полицискиот час е многу тешко за да можам да воспоставам врска со училиштето затоа што и тоа е онлајн. Многу е тешко за да воспоставам врска, да го ограничам времето на училиште и тука, и тоа слободно време што го имам да го искористам тука на стрелиште, и тоа се околу 2 часа“, кажа Јованоска.

Јованоска упати и една порака до младите, никогаш да не се откажуваат од своите соништа и секогаш да бидат упорни во тоа што сакаат да го остварат.

Порака до младите е никогаш да не се откажуваат од своите соништа, каков и сон да е, која и цел да е, секој сон може да се оствари, само е потребна желба, и голем напор и голем труд, да се посвети голем дел од своето слободно време на тоа што сакаме, и се што сакаме – може да се оствари“, им порача на своите врсници младата и талентирана Ирина Јованоска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи