Стопанската комора бара итно донесување на законите од петтиот пакет мерки


Стопанската комора на Македонија бара пратениците итно да ги изгласаат законите поврзани со петтиот пакет мерки, кои ги очекуваат нејзините членки како поддршка во услови на пандемија.

„Сведоци сме дека во Парламентот т.н. петти пакет економски мерки, доставен од Владата на Република Македонија, многу долго чека да биде изгласан. Во ситуација кога македонската економија поминува низ  многу тежок период на справување со сите последици од пандемијата со COVID 19, исклучително е важно помошта од државата да стигне што побргу до сите за кои е предвидена. Со петтиот пакет економски мерки, тежок околу 160 милиони евра, ќе се овозможи околу 60 илјади вработени месечно да земаат плата. За некои тоа е единствениот приход во семејството. Ќе им се помогне на компаниите со голем пад на приходите, на меѓународните транспортери, на самостојните вршители на дејност, на увозниците и извозниците и на компаниите кои инвестираат. Но не само на правните лица туку и на граѓаните со долгови врз основа на камати кон јавни институции и кон јавни претпријатија“, се вели во соопштението од Стопанската комора.

Од Комората потсетуваат дека нејзините компании членки, го вработуваат секое трето лице и кои создаваат половина од вкупниот приход и половина од нето-добивката на сиот приватен сектор во земјава.

„Имајќи го предвид значењето на поддршката во кризен момент, во каков и се наоѓаме, апелираме до сите пратеници во парламентот на државата итно да се состанат, да го изгласаат петтиот пакет економски мерки и целата оваа ситуација конечно да се разреши бргу и ефикасно во корист на македонската економија и на граѓаните“, порачуваат од Стопанската комира на Македонија.

Комората уште еднаш ги реафимира своите ставови изкажани на почетокот на пандемијата дека оваа битка не може да се добие ако компаниите не и помогнат на државата, но и државата да им помогне нив, како единствено можно решение кое може да даде позитивен импулс во натамошните економски текови.

„Во спротивно, сите досегашни напори, жртви и тешки предизвици кои досега ги надминавме, ќе паднат во вода“, велат од Стопанската комира на Македонија.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи