Велески: Циркузот никако да си замине од кај нас

Facebook
Twitter
Email
Print

Постарите генерации радо раскажуваат за посетата на циркуски групи во градовите на поранешна Југославија, а можеби, но поретко, и во самостојна Македонија. Доаѓањето на циркузот значел воодушевување, забава и возбуда од она што нè очекува и она што не можеме ни да го одгатнеме, а сигурно ќе се случи. По многуте перформанси на вештите циркуски гимнастичари и акробати, многуте претстави на дресури на диви и дотогаш невидени животни под циркускиот шатор, публиката си заминува од местото на „случувањето“ со полни срца и ведар дух. Заминувањето на циркузот од нашето место претставувало секогаш еден носталгичен миг, помешан со среќа и добри сеќавања. Но, времињата на таквите циркуски искуства е, нажалост, одамна поминато, како и воопшто на циркузот, како врвна уметничко-забавна категорија.

Циркуската парада што се случуваше вчера во Собранието е еден поинаков вид на циркуз. Таа спаѓа во оној тип на политикантски игри во т.н. „Дом на демократијата“. Со тие настани, уште еднаш докажаа политичките партии на Македонија дека немаат никаков демократски потенцијал и капацитет да ја направат земјата подобра за живеење. Од една страна, ја имавме чистата опструкција на опозицијата за економскиот пакет-закони што траеше повеќе од два месеца, претставена со нафрлување илјадници амандмани на законите, со отсуство од седници (што патем им е основна обврска од работниот однос на пратеник), со броења-пребројувања, излегување-влегување во собраниската сала, играње со чувствата на најзагрозените граѓани во земјава, кои не се баш малку (околу петсто илјади граѓани живеат сиромашно) итн. Од другата страна, пак, ја имаме власта која се најде „во небрано“, „меѓу чеканот и наковалната“, со кнап-мнозинство од 61, па мораше дури и да ги прекршува сите протоколи што самата ги издаваше во минатите година-дена, и донесе двајца заразени пратеници со корона-вирус во скафандери во Собранието. За циркузот да биде поголем, по толкав заплет и интриги во стратегиите на опозициските партии, како за крај на шаховската партија, сите нивни присутни пратеници гласаа „за“ економските закони. Ќе речете, некој овде не е нормален?

Дојдовме до таква состојба на духот, што веќе не може никаков скандал и непристојно однесување да нè изненади. Напротив, таквото однесување, по стотина пати повторување, станува стереотипно, нормално и прифатливо (па дури и пожелно?!) – исто како и лагата. А, нели,  лагата можеби е извртена вистина во логичко и каузалистичко неследствие?!

Македонија се наоѓа во длабока економска криза, предизвикана, покрај другото, и од здравствената криза што нè снајде од лани пролетта, која трае до ден-денешен, и веројатно ќе трае (оптимистички) барем уште пола година. Многу приватни фирми, кои се ‘рбетот на економијата во земјава, кои со години плаќаа придонеси за своите вработени, даноци и такси на државата и општините, кои го полнеа буџетот, но и реалната економија со домашни пари и со девизи, кои голем дел од својата заработка ја вложуваа во нови развојни проекти …, веќе се на работ на опстојувањето. Досега се донесоа неколку пакети-мерки за некаква поддршка на стопанството. Сите беа со временски ограничен ефект за спас од затворање на фирмите и испуштање на работниците. И овој, последен, пакет-мерки е задоцнет повеќе од 2 месеца, што ја загрози егзистенцијата на многу фамилии и фирми. Владата ќе мора, доколку сака нешто да остане од малите и средни претпријатија, да дава РЕДОВНА помош на стопанството, сè до моментот кога ќе се прекинат рестрикциите на движење и работење кои таа ги наложува. Па, нели државата и за тоа постои: за помош и заштита, како на индивидуата, така и на колективот? Патем, како мислат „врвните економисти“ во Владата да ја одржат ваквата ситуација на среден и долг рок, кога економскиот товар од административците и нивната (во голем степен) неполезна и неефективна работа е огромен притисок на буџетот, во услови на намалени приходи? Солидарни ќе беа, да ја намалеа платата на административците, да ги избркаа оние што и онака не одат на работа, како што секоја приватна фирма мораше да ги скрати платите и расходите за секакви други намени. Но, не, во партизираната администрација не смее да се допира, бидејќи таму има кадри и од едните и од другите. Вистината е сурова.

Ќе поминат уште многу месеци и години до стабилизирање на економскиот живот на Македонија. Прво да се стабилизира, преку масовна вакцинација, здравствениот аспект на граѓанството. Дотогаш, останете во добро здравје – физичко и психичко; оти здравјето не е сè, но без здравјето – сè е ништо.

Автор: Милан Велески

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи