Петтиот сет на економски мерки, иако задоцни сепак ќе даде позитивни ефекти за зачувување на работните места и отварање на фабричките хали, е ставот на претседателот на Организација на работодавачи, Ангел Димитров.
Посочува дека во изминатиот период, како што политичарите калкулирале во Собранието, така и работодавците калкулирале, анализирале и чекале што ќе се случи.
Димитров потенцира сепак дека оние фирми кои имаат кредити и долгови, најверојатно нема да се одлучат за државната помош и нема да ги вратат отпуштените работници.
„Затоа што знаеме дека финансиската помош е најмалку е околу 14.500 денари. Но, компаниите мора да ги платат и придонесите и ако имаат други обврски, тогаш состојбата станува покритична. Така да секој работодавач сам ќе одлучи, но во секој случај помошта беше неопходна и ќе спаси, голем број работни места“, рече Димитров.
Димитров вели дека за трудоинтензивните гранки потребен е и шестти пакет на мерки, бидејќи во моментов поради локдаунот во Германија и во земјите каде се извезуваат производите нема потрошувачка на пазарот, а и странските партнери не бараат нови нарачки. Но, до јуни ќе се знае состојбата на овие странски пазари и дали со имунизацијата на населението економијата ќе почне да заздравува.