Малцинство од граѓаните (42,0%) имаат доверба во Владата, а меѓу нив, побројни се етничките Албанци (61,8%) и припадниците на другите заедници (51,5 %). Ова го покажаа резултатите од последното истражување на МЦМС „Доверба во Владата и локални избори“ посветено на некои актуелни политички прашања.
Околу три четвртини од граѓаните се согласни дека земјата е во политичка криза. Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (87,6%) и неопределените (78,6%) се побројни меѓу нив. Прашани за тоа што сметаат дека е решението за надминување на политичката криза, најголем број од граѓаните, односно 36% рекле дека тоа се предвремените парламентарни избори. Околу една четвртина од нив веруваат дека Владата има сила да продолжи и да се справи со кризата, додека за 15,7% решението е формирање широка коалиција на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Гледано од перспектива на етничката припадност, етничките Македонци почесто го бирале одговорот „предвремените парламентарни избори“ (42,4%), а етничките Албанци повеќе веруваат дека Владата има сила да продолжи и да се справи со кризата (47,0%).
Имајќи ги предвид дискусиите за вклучување на етничката припадност во личните карти, граѓаните беа прашани за нивниот став во врска со тоа прашање. Тие се поделени, односно, 49,7% се согласуваат со вклучување на етничката припадност во личните карти, а 48,7% не се согласуваат. Поддршката е поизразена кај етничките Албанци (83,5%) и припадниците на другите заедници (77,3%).
Уште две прашања беа вклучени во анкетата: пописот и односите со Бугарија. Резултатите покажа дека мнозинство од граѓаните не веруваат (60,8%) дека пописот на населението ќе се спроведе со соодветен квалитет. Побројни меѓу нив се етничките Македонци (69,5%). За половина од граѓаните односите со Бугарија се развиваат во негативен правец (53,6%). Разлики во ставовите има на основа на етничката припадност и кај симпатизерите на политичките партии.
За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект. Податоците беа прибирани со телефонска анкета во периодот од 17 до 24 март 2021 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1003 испитаници.