Не ги фрлајте печатените учебници, симнете ги розовите очила и согледајте ја македонската реалност

Facebook
Twitter
Email
Print


Неодамнешните случувања околу дигитализацијата на образованието со несоодветни одлуки е одлика и резултат на животот на висока нога и немање врска со македонската реалност на оние што ги донесоа тие одлуки.  Дали е можно министерката и нејзиниот тим да се толку дистанцирани од реалноста, па да сметаат дека сите ученици имаат свои лаптопи, таблети или мобилни?

Го чекам денот кога ќе се најде некој јунак да им ги симне розовите очила на министерката и нејзиниот тим. Какво е тоа арогантно „протуркување“ т.н. реформи без истражување, без јавна дебата, без подлабока консултација од стручната јавност и без консултација со родители и ученици?

Пола држава нема услови за нормално живеење, пола населени места немаат ни пристап до електрична енергија, државата е во невидена криза… Немојте да сте не споредиле со Финска, уште помалку со Естонија, бидејќи ние прерипнуваме фекалии по улици.

Почитуваната министерка има баш добра позадина.

Мислам на нејзината професионална експертиза бидејќи доаѓа од граѓанскиот сектор. Зарем во толку години работа во граѓанскиот сектор не реализирале една вистинска теренска анализа на ситуацијата или студија на случај? Зарем сите активности и извештаи им беа „видно одиме напред, нема кој да не’ застане“?

Малку факти и документи

Електронските услуги се дел од Дигиталната агенда на ЕУ земјите, меѓу кои и Македонија, но сигурно министерката го има прескокнато делот каде што се вели дека електронската услуга треба да биде ОПЦИЈА, а никако целосна замена.

Дигиталната агенда е иницијатива на ЕУ која има за цел да обезбеди максимални придобивки од дигиталната трансформација, преку брз интернет и интероперабилни апликации. Нејзината крајна цел е поттикнување на иновациите, економскиот раст и подобрување на секојдневиот живот на граѓаните и бизнисите.

Европската комисија заедно со Министерства од 6 партнери од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, ја усвоија Дигиталната Агенда во 2018 година во Софија и се обврзуваат на:

  • Инвестирање во поврзување со широкопојасен интернет: Според рамката за инвестиции во Западен Балкан, ќе се дадат 30 милиони евра грантови од ЕУ достапни за распоредување на широкопојасна инфраструктура во регионот;
  • Зголемување на сајбер безбедноста, довербата и дигитализацијата на индустријата;
  • Зајакнување на дигиталната економија и општество: Дигиталната агенда ќе го поддржи распоредувањето на алатки за е-влада, електронска набавка и е-здравство и ќе помагаат во зголемувањето на дигиталните вештини кај граѓаните;
  • Зајакнување на истражувањата и иновациите.

Зарем требаше да се нацрта дека има хронологија, дека не може да се воведе електронска алатка ако немаш електронски уред?

Заштедата на средства по основ на печатење на учебници, ќе се реалоцира за поддршка на општините за набавка на електронски уреди токму за овие ученици, односно за учениците од социјално загрозени семејства, напиша министерката на Фејсбук.

Дали печатењето книга е поскапо од било кој електронски уред? Кој тоа тренд го следи нашата министерка?

„Ако немате леб, јадете колачи“, Марија Антоанета.

„Јачевте“ за дискриминација секогаш кога ќе се „сронеше бисерот“ на некоја ваша „ранлива група“.

Кој да ги заштити сега сиромашните ученици кои ќе бидат дискриминирани и обележани како овци? Мислите дека нема да се прашуваат 10 годишните Демир или Елизабета зошто не се уклучени на фамозната онлајн настава со електронски учебници бидејќи немаат таблет?

Заборавивте на градењето на чувството на припадност?

Воспитувачот се стреми да создаде кај децата чувство на припадност кон групата. Се користат термини како „ние”, „сите ние заедно” и ги ангажираат децата во кооперативни активности.

Овозможуваат секое дете да се чувствува вреднувано и сакано (ако детето било отсутно некое време, му се испраќа картичка со порака: „Ни недостигаш!”).

Која порака ќе се испрати на тие што ќе испечатат книги и нема да бидат дел од „модерното време“? Модерното време, драги, подразбира добар стандард на живеење, а ние 30 години сме под просекот. Преземаме, копираме нешто што апсолутно не одговара на нашите услови, видела жабата дека го потковуваат коњот, и таа кренала нога.

Малку стручна анализа (каква што требаше да се презентира на јавна дискусија која ја немаше)

Се повеќе деца се соочуваат со тешкотии во говорот. Се чини дека младите родители подзаборавија на онаа жива комуникација, раскажувањето приказни и сл., и се насочија кон дигиталните уреди.

Логопедите ќе се сложат со мене кога ќе кажам дека најголемите непријатели на говорот во денешно време се околинските фактори – негрижата од родителите кои заради својата удобност им ги тупнуваат дигиталните уреди на децата, децата се неподготвени, изложени на содржина која не е соодветна за нивната возраст, па не се ретки случаите каде што децата побрзо го зборуваат аглискиот јазик, од она што гледаат што им се пласира, а не го зборуваат македонскиот јазик. Факт е дека не можеме целосно да ги оттргнеме децата од тој свет.

Како да се направи еден баланс на сето ова? Би им препорачала на родителите да се посветат на развојот на детето, на основите, да го научат детето да се облече самостојно пред да научи да сними видео, да научи самостојно да јаде пред да зборува странски јазик, да научи да зборува, пред да почне да чита и да смета. Има нешто што се вика основа, и не може баш се да се замени.

Печатениот текст е супериорен во споредба со електронскиот и ова го потврдуваат бројни актуелни анализи. Анализите покажуваат дека електронските текстови имаат негативни импликации за учењето и меморизирање на материјалот, како и фокусирањето на вниманието.

Критичкото читање подразбира и фаќање белешки, цртање и пишување, односно има кинестетски елемент кој е исклучително важен за разбирањето на материјалот, посебно кај децата.  Тоа ќе се оневозможи доколку се воведат т.н. „дигитални учебници“. Реформите мора да се базираат на наука!

Што стана со физичкиот и умствениот развој на детето со книгата?

Во процесот на развојот на јазикот, комуникациските вештини и писменоста еден од основните елементи од говорот е свесноста за печатени материјали – способност за разбирање како печатениот материјал е организиран и како се користи во пишување и читање. Децата учат дека говорот и пишаниот збор пренесуваат мисли и идеи.

Децата покажуваат интерес за печатени материјали во својата околина и соодветно ги користат уште од најрана возраст (преку туткање на листови хартија како мали бебиња, до разгледување и превртување страници од сликовници и преправање дека ја читаат содржината на страниците во периодот пред поаѓање на училиште).

Да им го земеме и ова?

Децата и онака се робови на технологијата. Што прави постојаната изложеност на модерната технологија кај детето?

Детето може да почне да развива: тантруми, врескања, проблеми со однесувањето, односно бихевиорални проблеми кои подоцна потешко се модифицираат.

Многумна сметаат дека „паметните“ телефони всушност им го земаат паметот на корисниците. Аргумент за тоа е можноста да се вршат математички калкулации без некаков уред и да се запомнат телефонски броеви напамет. Овие работи сега им се оставаат на паметните уреди, па луѓето забораваат на потребата да запомнат одреден факт, број, лозинка, име…Слично е и со снаоѓањето во просторот, ЏиПиЕс (GPS) уредите ги направија луѓето зависни и потешко се снаоѓаат во просторот, без да ги користат истите.

Сите овие податоци водат кон современата „болест“, таканаречената дигитална деменција. Според светските истражувања, деменцијата се појавува и кај младите. Тинејџерите стануваат толку зависни од дигиталната технологија, што тие повеќе не можат да ги запомнат секојдневните детали, како што е примерот со телефонските броеви.

Модерната технологија, сепак, не смее да се смета за лоша и да се запостави. На многумина им го олеснува животот, како што е примерот со лицата со некаква попреченост, кои користат асистивна технологија без која би се соочиле со сериозни проблеми во секојдневното живеење. Она што е важно е тоа дека технологијата мора да се употребува, но да не се злоупотребува.

Англискиот филозоф и есеист Френсис Бејкон, во XVI век рекол: „Парите се одличен слуга, но лош господар.“

Во современиот дигитален свет, оваа реченица добива поинакво значење, „Технологијата е одличен слуга, но лош господар!“

Дефокусирање од вистински проблеми

Ќе се преземе одговорност за руинираните училишта?

Ќе се преземе одговорност за врсничкото насилство? Дали некој ја следи работата на психолозите и педагозите?

Ќе се поведе сметка за партиските неписмени кадри кои ја имаат една од најодговорните позиции како вопитувачи? Подуени наставници или професори, кои не сакале да ги викаат учители или даскали бидејќи им било навреда. Точно е, таквите не може да се наречат ниту учители, ниту даскали.

Историја

По смената на владејачките гарнитури, кога СДСМ ја замени ВМРО-ДПМНЕ, во власта повторно беше актуелизирана идејата да се купат таблети. Тогаш замислата била таблетите да ги заменат учебниците, со тоа што сите книги би се префрлиле во електронска форма и децата би ги имале на уредите. Меѓутоа, 4 години подоцна повторно нема ништо од таблетите.

Просечен „живот“ на еден таблет е некаде околу пет до шест години, што значи дека ако проектот бил спроведен, денес не би се соочувале со бројката од 40.000 деца што немаат никаков уред да се вклучат во онлајн-наставата.

Ако претходната власт правеше нешто што не одеше во полза на државата, овие си го усовршија системот до перфекција.

И за крај, не е проблемот во тоа што „реформата“ ја спроведува СДСМ. Проблемот е што не е добра, не е соодветна, а сигурно дека ќе се спроведе, бидејќи културата на  уништување на државата без трунка одговорност е одлика на сите политички партии досега, па и откако ќе ја нема оваа гарнитура, и другата ќе има удобни фотелји  на кои дупката од легачење од претходните е толку длабока, што и следните ќе се сместат удобно и ќе гувеат.

Освен ако некој не им ја расипе математиката и наместо на фотелја ќе ги стави на жешко столче и едните и другите.

Останете здрави и прочитајте си некоја печатена книга.

Честит ден на книгата, на сите, освен на Мила!

Автор: Мартина Билjаровска, дипломиран професор по англиски јазик и книжевност

Ставовите изразени во колумната се единствено ставови на авторот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи