Нови скандали со Рашковски, нови набавки за софтвер и сервери

Facebook
Twitter
Email
Print

Откриен нов скандал поврзан за поранешниот генерален секретар на владата Драги Рашковски. Покрај набавката на софтвер за безбедност во сообраќајот што не се користи, набавил уште еден софтвер и сервери.

Како што пишува неделникот Фокус, Рашковски во име на владиниот генерален секретаријат кон крајот на 2019 година склучил договор со охридската компанија „Ентер“ за набавка на софтвер за систем за координација во планирањето и спроведувањето на политиката за рамномерен регионален развој, во износ од 38,8 милиони денари.

Рашковски неодамна поднесе оставка од позицијата генерален секретар на Владата и беше во домашен притвор. Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција ја прифати жалбата на јавниот обвинител и му определи 30-дневен притвор на Драги Рашковски и Даниел Станчевски во врска со „истрагата за набавка на софтвер“.

Пред неколку дена беше откриена СМС-порака со упатства која  Рашковски на четвртоосомничениот во случајот му испратил.

„Слушај, изразувај се стручно, овие се глупи, ништо нема да те разберат“, наводно напишал Рашковски. Пораката е откриена во телефонот на четвртоосомничениот, затоа што мобилниот телефон на Рашковски бил целосно форматиран и сета содржина била избришана.

Освен тоа, фирмата на Рашковски освен што го набавила спорниот сообраќаен софтвер, го одржувала и хостингот на Академијата за судии и јавни обвинители Павел Шатев, а при претрес во неговата канцеларија на Правниот факултет бил пронајден и софтверот за прашања на кандидатите.

„Фирмата Инвока Груп го сервисираше хостингот, а серверот со прашањата се наоѓа при Владата. Со оглед на тоа што оваа фирма сега е опфатена со постапка, Академијата за судии и јавни обвинители Павел Шатев преку Влада ќе бара друга фирма“, потврди Наташа Габер Дамјановска, директор на Академија за судии и јавни обвинители за Канал 5.

Се проверува и неговата имотна состојба која не е еднаква со пријавеното во неговиот имотен лист. Во неговиот анкетен лист го нема и земјиштето кај Побожје на кое планира да изгради куќа од 800 квадратни метри, а го нема и џипот „волво“ што вреди 70 илјади евра.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи