ВИДЕО – Македонските земјоделци не се доволно дигитално описменети, не ги користат модерните технологии, преферираат работа да завршат на шалтер

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Пандемијата на Ковид 19, големиот број забрани и почитување на строги мерки на социјална дистанца, на негрупирање на граѓаните, избегнување гужви во маркетите, банките и други институции, отвори едно сосема ново поглавје во искористувањето на интернетот, компјутерите, паметните телефони и другите дигиталните алатки во нашето секојдневие. Денес голем број состаноци на компаниите се одржуваат онлјан, учениците учат онлајн, граѓаните плаќаат сметки преку интернет, се со цел да се избегне поголем контакт со другите луѓе.

Но, за жал тоа не е случај кога станува збор за македонскиот земјдоделец кој и покрај пандемијата не го издигна многу степенот на својата дигитална писменост, така што традиционалните начини на поднесување документи на шалтер, гужвите пред банки за подигнување на пари, гужвите за наплата на сметки и недовербата во модерните технологии останаа.

За да се види колкава е дигиталната писменост кај нашите земјоделци „Рурална Коалиција“ во рамките на проектот „Дигитализација во земјоделството – СЕГА“ спроведе едно истражување околу тоа колку земјоделците го користат интернетот и модерните технологии како алатка во нивниот бизнис и олеснување на секојдневните обврски. Истражувањето беше направено во 5 плански региони во државата.

„Едно од прашањата беше доста интересно дали поседувате електронска платежна картичка. 96% од испитаниците одговориле со ДА. Но само 11% од нив истакнале дека плаќаат електронски со таа картичка. Односно најголемиот дел од одговорите биле дека иако ја имаат таа картичка, знаејќи ги можностите кои ги нуди, сепак ја користат најмногу за вадење на пари од банкомат, а дека најголемиот дел од сите други услуги ги вршат на шалтерите, за што и сме сведоци се уште на гужвите, особено пред банките. Е сега, имаше таков дел на прашања каде што прашавме зошто не го прават тоа електронски? Најчесто беше пред се нивната сопствена самодоверба и сигурост во тоа што ќе го впишат. Оссбено кога ги споменавте субвенциите, ако имате од 96.000 до 98.000 земјоделци кои аплицираат за субвенции само 10.000 од нив минатата година, согласно податоците на Министерството за земјоделство аплицирале електронски“, истакна Лилјана Јоноски, извршен директор на „Рурална Коалиција“.

Зошто е тоа така, немаат доверба кога аплицираат или едноставно не знаат да аплицираат електронски?

Е тука одговорот лежи и во едното и во другото, односно како што напоменав немаат доволно самодоверба со себеси и во своите познавања иако морам да кажам дека на прашањето колку се сметате за електронски писмени или колку добро комуницирате најголемиот дел од оценките биле со 4 или 5. Од друга страна пак кога станува збор за еве вака важни прашања како што се субвенции, плаќање на сметки и друго, сепак не се доволно сигурни во себеси за неопходните познавања, за да може да го поминат тој цел процес електронски и токму тука најчесто бараат поддршка и помош од вработените во подрачните единици на Министерството за земјоделство“, додаде Јоноски.

Лилјана Јоноски, извршен директор на „Рурална Коалиција“

И од Сојузот на земјоделски здруженија на Македонија ги потврдуваат овие податоци дека модерните технологии малку се користат од страна на нашите земјоделци. Најголема причина била староста кај земјоделците и нивното непознавање на работа со компјутер и на интернет.

„Земјоделците се претежно постара категорија на луѓе. Додека пак младите кои се занимаваат со земјоделие сигурно користат модерна технологија, како интернет, разни апликации и имаат лап топ комјутери, но нажалост во нашата држава младите се помалку стануваат земјоделци и се поретко работат земјоделие. Се уште се оди на шалтери за поддавање на субвенции или за било какви други потреби, се смета тоа за посигурно да не направат некоја грешка и затоа тоа им е еден посигурен начин на одење. Не се едуцирани едноставно кажано. Тоа треба некои обуки да се направат за да можат и постарите генерации и постарите земјоделци да ја користат технологијата“, изјави Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија.

Досега немало обуки од овој тип. Според земјоделците во овие обуки освен Министерството на земјоделство требало да се вклучат и банките и другите институции каде може земјоделците по електронски пат да добијат некоја услуга.

„Во секое домаќинство сигурно има лап топ или таблет, но тоа го користи младата популација. Јас гарантирам дека ниту еден земјоделец над 55 години не знае тоа да го работи“, рече Злате Даноски, претседател на здружение на тутунарите од Прилеп, „Мице Козар“.

Зошто, што е причината?

Не се едуцирании, не знаат јазик, многу тешко им оди тоа, немаат ниту доверба во техниката. На шалтер му е подобро, ќе појди, ќе го предаде документот, ќе му удрат печат дека има предадено, а вака нема гаранција тој, едноставно нема сигурност“, додаде Даноски.

Земјоделците иако признаваат дека електорионскиот пат за вршење на некои услуги е полесен, сепак одредени навики кај нашите земјоделците тешко се искоренуваат.

„Преферираме кеш пари да земиме, ни е страв од тие картиците, да не ја заборавиме, па да не ни ја „лапни“ банкоматот, па после пак оди во банка. Се тоа по малку не нервира. Но треба и телевизиите да помогнат“, кажа Марјан Димкоски, земјоделец од село Ново Селани.

Сметате дека треба да има одредена кампања за едуциирање на земјоделците?

Нормално, оти кога ќе видиш нешто опипливо ќе речиш ајде и јас да пробам. Значи пак постои некој страв. Друга работам еве спомнавте за аплицирање за субвенции. Многу пати се случува ќе ги предадеш документите, па дополнително ќе ти се јават, ќе ти речат не се комплетни документите, ти недостасува ова, ти недостасува она, а вака па уште полошо, значи не сме едуцирани за работа со компјутери“, вели Димкоски.

Колку вие ги користите компјутерите, дали имате е-маил, ФБ профил?

„Што ако имам кога не ги користам“, додаде Димкоски.

„Од модерните технологии јас користам лап топ од децата понекогаш и платежна картичка со која само вадам пари од банкомат и плаќам со неа во продавници, сметките за струја, вода и друго ги плаќа на шалтер, не сум едуциран за овие електронски работи“, потенцираше Петре Макески, земјоделец од Прилеп.

Интересно е да се напомене и тоа дека можеби земјоделците не ги користат новите технологии за е-трговија и е-услуги, но скоро сите од нив одговориле дека имаат профил на социјалните мрежи каде навистина се доста активни околу изнесувањето на нивните ставови, за актуелните состојби во земјоделието и нивните проблеми.

„Сепак одреден дел имаат познавања за постоењето на еден национален портал – uslugi.gov.mk, кој што на едно место ги собира сите услуги кои или целосно или делумно се дигитализирани и ги опфаќа сите институции и на тој портал изминативе години доста се работеше од страна на самите институции во делот на неговата промоција. Е сега тука некаде е околу 50:50, односно 54% не слушнале дека постои ваков портал, но оние кои што знаат за неговото постоење, дел од нив ги користеле и услугите од самиот портал иако е мал процентот. Она што ни беше нас потребно е да видиме за каков вид на услуги најчесто се аплицира. И она што нив им е најпотребно се услугите поврзани со субвенциите или кога аплицираат за програмите за финансиска поддршка, дали е ИПАРД, дали е за рурален развој, од типот дали тоа е извод од матична книга на родените, во однос на нивниот работен статус. Во однос на тоа кога станува збор за правно лице, вадењето за стечајна, ликвидациона, тековна состојба на самиот правен субјект, тоа се дел од услугите коии бара оваа категорија граѓани“, изјави Јоноски, од „Рурална Коалиција“.

 Како позитивен пример за дигитална земјоделска писменост од „Рурална Коалиција“ ја земаат Естонија, земја дури и помала од Македонија, каде што земјоделците ова ниво го постигнале за брзо време бидејќи овој начин на функционирање влегол во законските рамки.

„Но од друга страна ваквиот вид на услуги треба да биде направен на еден лесен едноставен начин, она што ние го нарекуваме userfriendly, односно да може секој лесно да им пристапи и истите да може да ги користи. Или еве на пример како што е со субвенциите, токму заради стравот од тоа недоволно познавање на електронскиот начин за аплицирање на субвенции, но од друга страна мора да напоменеме дека системот е доста комлициран, се уште одат паралелно и двата начини, да може и во хартиена верзија да аплицираат за субвенциите и по електронски пат, односно барањето пак се поднесува на крај електронски, но тоа го прават вработените во подрачните единици. Е сега кога еден од условите би било да треба електронски да се поднесува, односно да се исфрли оваа електронска копија тогаш сакале или не тој процес ќе мора да го научи секој оној кој сака да аплицира и да ги добие директните плаќања“, вели Јоноски.

Од подрачната единица на МЗШВ во Прилеп пак велат дека бројот на земјоделци кои ги користат овие алатки секоја година бил се поголем и поголем. Тука ја потенцираат можноста преку интернет страницата на катастарот секој земјоделец да си ја внеси парцелата која го интересира и да провери дали е државна и дали може да ја земи под закуп.

„Во таа проверка земјоделците ќе имаат увид дали тие парцели се државни, значи штом се државни тие земјоделци можат да аплицираат за тие парцели и да си ги окрупнат своите парцели. Катастарот претходно беше затворен, го користеа само институциите, со ова отворање на катастарот се окрупнува земјиштето и ние во интерес на земјоделците, еднаш до два пати годишно, објавуваме повик за земја. Што значи тоа? Земјоделците кои имаат информации или таа информација ја добиле преку катастар или преку нас, дека таа земја е државна, можат слободно да аплицираат за таа КП бројка и ние да дојдиме да му ја дадеме во владение на нивно располагање од 15 години, претходно такви информации земјоделците немаа“, истакна Зоран Пачешкоски, раководител на МЗШВ Прилеп.

Се зголемувал и бројот на земјоделци кои аплицираат за субвенции онланј преку страницата ipardpa.gov.mk.

 „Тој систем е отворен и секој земјоделец можи од дома да си аплицира за субвенции. Доколку на некој земјоделец не му е јасно може слободно да дојди во подрачната канцеларија на министерството за земјоделство да го едуцираме за понатаму да се избегнат тие гужви. Инаку во Прилеп од 3.500 до 4.000 земјоделци секоја година доаѓаат да пријават субвенции. Според наши информации лани околу 400 земјоделци од прилепско сами си аплицирале преку ipardpa.gov.mk, значи тоа е веќе една успешна приказна“, рече Пачешкоски.

Особено се горди на воведувањето на агрометереолошките станици кои ги има две во овој регион. Едната ги покрива селата Големо Коњари, Мало Коњари, Галичани, Кадино Село и Беровци. Додека другата станица го покрива реонот околу селото Канатларци и кои на мнoгу начини можат да им помогнат на земјоделците.

„Воедно исто така тие агрометереолошки станици собираат податоци наназад за цела година. И така што наредната година ние можеме да имаме информација за цел регион, исто така земјоделците ќе ја имаат таа информација, колку има влажност, колку има ветер, колку има сонце, која култура би била најпогодна да се насее во тој регион. Претходно тие информации ги немавме. Начинот за да се добијат сите тие информации е многу едноставен се симнува апликацијата „метеобот“ преку playstore или google. Таа апликација е многу едноставна за работа, ги има сите овие потребни информации, вие ќе знаете дали ќе врне дожд, дали ќе има ветер, дали ќе има сонце. Ќе знаете информации за цела година дали е земјата успешна за тутун, за пипер, за лешник, за компир, кромид или друго. Како што напоменав, начинот на работа на таа апликација е многу едноставен“, додаде Пачешкоски.

 

Зоран Пачешкоски, раководител на МЗШВ Прилеп

Засега од страна на државата нема конкретни обуки за земјоделците како да ги користат современите алатки иако тоа било во план. Помош може да добијат директно во подрачните единици на Министерството за земјодлество. И додека се чека државата да ги реализира овие директни обуки кои веќе се најавени, од „Рурална Коалиција“ велат дека во рамки на проектот „Дигитализација во земјоделството – СЕГА“ планираат во нареден период да се спроведе тренинг на тренери кои откако ќе се обучат, директно на терен ќе им помагаат на земјоделците околу користењето на сите овие е-услуги и како можат овие нови електронски и интернет алатки да им го олеснат секојдневието на земјоделците.

Липо ласер и спа капсула за прв пат во Прилеп

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Липо ласер и спа капсула за прв пат во Прилеп

Play Video

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи