Кога правдата е недостижна во Македонија, таа ќе се бара пред меѓународни инстанци!


Вработувањето е една од областите од најголемо значење за благосостојбата на сите граѓани. Од него директно зависи економската состојба, условите за образование, здравствена заштита, домувањето. Особено оваа област е важна за граѓаните припадници на маргинализирани заедници, кои секојдневно се борат со низа пречки во остварувањето на своите права. Но, иако бројни политики и стратегии во нашата држава декларативно се насочени кон поттикнување на вработувањето за граѓаните од маргинализираните заедници, праксата покажува дека токму таму се прават и најголеми злоупотреби. Еден таков пример е и случајот презентиран во продолжение.

Имено, во 2019 година беше објавен Јавен оглас за вработување на 35 државни службеници во Управа за јавни приходи при Министерство за финансии. За работно место Помлад инспектор, Даночен инспектор – Регионален даночен инспекторат во Регионална дирекција Прилеп беше предвидено вработување на Ром(ка), според предвидени вработувања согласно годишниот план на институцијата за 2019 година. Кандидатот Џ.Б. кој што аплицирал на огласот бил неосновано одбиен и покрај исполнувањето на општите и посебните услови согласно јавниот оглас, поради тоа што наводно работното место веќе било ветено за човек близок до партијата на власт, иако истиот претходно никогаш не се декларирал како Ром, односно се деклрарирал како припадник на друга етничка заедница.

Како одговор на ова, кандидатот  Џ.Б. поднел Претставка до Народниот правобранител на Република Северна Македонија со која го известил за сознанието и ситуацијата и побарал од институцијата врз основа на надлежностите да ги прегледа сите фази од постапката за селекција и да преземи соодветни законски мерки.

По преземените низа дејствија од страна на Народниот правобранител, следствено на добиените одговори од институцијата против која била поднесена претставката, биле потврдени изнесените наводи во претставката, односно дека станува збор за очигледна злоупотреба која ја прават институциите при спроведувањето на огласите за вработување во делот на примената на начелото на соодветна и правична застапеност.

Во самиот одговор на Народниот правобранител се наведува дека е доставено Мислење за отстранување на констатираните повреди до Влада на РСМ, со цел да направи соодветна измена на законската и подзаконската регулатива во однос на примената на начелото на соодветна и правична застапеност, како во иднина би се превенирале и спречиле вакви или слични повреди на правата на поединци при вработување во јавната администрација и јавниот сектор.

Меѓу другото, во известувањето на Народниот правобранител е посочено дека случајот ќе биде даден како пример во Годишниот извештај на Народниот правобранител за 2020 година, каде на стр.48 е наведена констатација дека:

„Во спроведување на начелото на соодветна и правична застапеност, во голем број случаи при реализирање на јавните огласи во јавниот сектор се врши злоупотреба на впишување на припадноста на етничка заедница, особено на штета на помалите етнички заедници“.

Во тој контекст, како препорака е дадено до:

„Министерството за информатичко општество да изнајде начин за соодветно законско и подзаконско решение со кое ќе се оневозможат манипулации на штета на одредена етничка заедница. Следствено, да се преземат мерки за измена и надградба на текстот на подзаконскиот акт „Методологија за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно со начелото за соодветна и правична застапеност, како и формата, содржината и образецот на годишниот план за вработување и извештајот за реализација на годишниот план за вработување“, а со тоа и на членот 5 став 3 од Законот за вработените во јавниот сектор од кој произлегува овој акт, како и на табеларниот пресметковен модел на Балансерот преку кој се врши пресметка за изготвување на годишните планови за вработување по етникуми“.

Согласно утврдената констатација и потврдените наводи од Народниот правобранител, кандидатот поднел Приговор против постапката спроведена за избор на кандидат за вработување на административен службеник по јавениот оглас. Паралелно поднесени се  Кривични пријави против директорот на Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија и против претседателот на политичка партија и претседател на Совет на општина Прилеп за постоење основи на сомневање за сторено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353, став 1 и Несовесно работење во службата од член 353-в, став 1 од Кривичниот законик, како и Давање награда за противзаконито влијание од член 358-а, став 1 од Кривичниот законик.

Во одговорот од надлежното Основно јавно обвинителство Скопје беа отфрлени Кривичните пријави, со образложение дека пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност. По однос на одговорот, беше поднесена Жалба до Вишо јавно обвинителство поради повреда на одребите на кривичната постапка, неправилно утврдена фактичка состојба и неправилна примена на доказите во постапката. Имено, поврзано со наведените кривични дела во случајот, никаде во законската определеност на кривични дела не е изречно наведено дека за конкретните кривични дела, гонењето се презема по службена должност или дека станува збор за кривични дела за кои гонењето се поведува по приватна тужба.

Сепак, одлуката од Вишо јавно обвинителство беше да се одбие жалбата како неоснована и да се потврди Решението од Основното јавно обвинителство, со образложение дека и двајцата партиски функционери и вршители на јавна функција немале ингеренции во процесот на избор на кандидати. Забележително е дека во конкретниот случај, обвинителството одлучи исклучително брзо, бидејќи се работи за функционери, за разлика од добро познатата пракса на одолговлекување на случаите по повеќе месеци па дури и години.

Постапката пред органите во нашата држава е конечна и исцрпени се сите домашни правни лекови. Иако за овој случај правдата е недостижна во нашата држава, на оштетениот кандидат Џ.Б. му останува правдата да ја бара пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Автор : Станица П.Е.Т


Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи