Европско знаменце на Законот за дигитални учебници

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Министерството за образование и наука не се откажува од носењето на нов закон за учебници со кој се предвидува дигитализација на наставните материјали.

Законот предвидува дигитална форма на учебниците прво за учениците од четврто одделение. Наредната година, за четврто и петто, потоа за четврто, петто и шесто. Паралелно, по потреба ќе продолжи и печатењето. Постепено воведување и напредно дигитално образование – се основните адути на оваа реформа, што ги забрза потребата од учење на далечина заради здравствената криза.

Од МОН информираат дека Законот е повлечен од собраниска процедура за да се дополни и усогласи со европското законодавство, по што ќе биде доставен до Собранието најверојатно со европско знаменце.

„Во интерес на објективно и вистинито информирање на јавноста по координација со Секретаријатот за европски прашања Законот е вратен за да се дополни само делот за усогласување со европските документи, како дел од процесот на усогласување на националното со европското законодавство. Законот денес е на дневен ред на Влада, по што ќе биде доставен до Собранието“, се вели во соопштението од МОН.

Дека Владата нема да се повлече од идејата за дигитализација на учебниците потврди и премиерот Заев. Според планот на МОН, од прво до трето одделение учениците и натаму ќе користат печатени учебници, додека од четврто одделение приоритетна опција се дигиталните учебници. Потенцијален проблем може да биде тоа што во некои училишта и до 80 проценти од децата немаат таблети или лаптопи.

„Нема да дозволиме некое детенце да биде заборавено зашто е родено во некое посиромашно семејство или е родено во некое ридско-планинско населено место, зборувам заради интернетот. Комплетно ќе алоцираме пари за да имаат еднакви или приближно еднакви услови децата за управување со информатичките технологии зашто тоа го заслужуваат сите. Второ, државата има обврска да биде коректор на социјалната нееднаквост во општеството, односно да помогата повеќе таму каде што нема“, рече Заев.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи