Во некои училишта и денеска има бојкот на наставата


Според фејсбук-групата на родители „Учебници и настава мора да има“ се бојкотира наставата во повеќе основни училишта, а за средните училишта, се уште нема информации, изјавија за МИА од фејсбук-групата на родители „Учебници и настава мора да има“.

Тие вчера најавија бојкот на наставата со барање да се стопира донесувањето на законот за дигитални учебници.

„Имам повеќе информации од родители и наставници дека денеска воопшто не почнале со настава и можеби 80-90 проценти денеска нема да има настава кај основците. За средно немам доволно информации, рано е уште. Нашиот став е дека еден ден пропуштен во наставата не е толку значаен колку што е значајно да се донесат промени во образованието. Ќе стоиме зад сите наши дела се додека не не слушне Министерството“, кажа Драгана Спасевска претставничка на фејсбук групата.

Средношколскиот сојуз вчера се огради од бојкотот, наведувајќи дека негови организатори не се тие, туку родители. Ставот на Сојузот на средношколци е дека учебници треба да бидат достапни и во електронска и во хартиена форма.

Од МОН вчера се огласија и порачаа дека бојкотот на наставата би значел отпор кон промените и дека дигитализацијата е од интрес за сите сегашни и идни генерации.

„Бојкотот на наставата значи отпор кон промените кои се креирани согласно времето и ерата на ИТ-технологијата во која младите живеат. Од интерес е за сите сегашни и идни генерации на ученици, македонскиот национален образовен систем да се развива, да напредува и фати чекор со трендовите и процесите во современиот образовен свет, меѓу кои е и дигитализацијата на материјалите за учење, што кај нас како промена ќе се случува етапно и во овој момент воопшто не ги засегнува средношколците“, информира МОН.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи