Ден на македонскиот јазик и азбука

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Денешниот ден, 5 мај е прогласен за Ден на македонскиот јазик. Истиот е прогласен во чест на 5 мај 1945 година кога Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.

Владата го прогласи овој ден за Ден на македонскиот јазик на 130. седница одржана на 16 април 2019 година.

Прогласувањето е во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945-та за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо и озаконувањето на првиот правопис со што беше стандардизиран македонскиот јазик.

Азбуката е создадена на 3 мај 1945 и е предложена на тогашната Влада. Таа ја прифатила и азбуката е официјализирана на 5 мај со објавување во весникот „Нова Македонија“, бидејќи во тоа време не постоел Службен весник каде што државата ги објавува своите одлуки. Објавувањето на 5 мај се смета за службен документ.

Процесот на создавање на азбуката бил долг и не бил лесен. Тоа го опишал и Блаже Конески. Имало две комисии, според некои три, и не се согласиле сите одеднаш.

Идејата е 5 мај да биде ден на македонскиот јазик од работен карактер и да се одбележува таму каде што е најпотребно – од најниските степени на образование до највисоките – со пригодни реферати, рецитали или со детали од историјата итн.

На 2 август 1944 делегатите на Првото заседание на АСНОМ го прогласиле македонскиот јазик за официјален во македонската држава. На 3 мај 1945 е усвоена македонската азбука, а на 7 јуни е усвоен македонскиот правопис, со што се стандардизира македонскиот јазик и станува јазик на државата – во тоа време Демократска Федерална Македонија која е во заедница со другите југословенски народи. Секој си имал свој државен јазик и македонскиот се издигнал на ниво на државен јазик.

Првата стандардизација е направена уште од Крсте Мисирков во 1903-та, но не заживеала, освен во неговата книга, затоа што не постоела држава за да стане стандарден јазик односно да биде јазик на администрацијата, образованието, на науката и на културата воопшто. Стандардизирањето е овозможено со создавањето на државата, со АСНОМ во 1944 година.

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска организира чествување по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и 100 години од раѓањето на Блаже Конески.

Ќе биде промовирано електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик, дело на 21 автор. Електронското издание на Толковниот речник ќе може бесплатно да го користат сите граѓани и сите проучувачи и почитувачи на македонскиот јазик. Ова е подарок од Владата на Република Македонија, од Министерството за образование и наука, од авторите и од Институтот за македонски јазик до граѓаните.

На промоцијата што ќе се одвива онлајн, обраќања ќе имаат претседателот на државава Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, Јованова-Грујовска и раководителката на електронското издание на ТРМЈ,  Снежана Велковска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи