Спомен за Гоце Делчев

Facebook
Twitter
Email
Print


Македонската историја и заслужните личности-Македонци се на „раздавање“ последниве години. Сите сакаат да бидат дел од нашата историја, или нашата да биде нивна историја. Секој сака да биде татко на успехот: Грците го сакаа Александар, им го „припишавме“; Бугарите, нешто доцна додуша, го посакаа Гоцета и, откако во 1946 го предадоа ковчегот со останките на Гоцета на СРМ (Социјалистичка Република Македонија) за да почива (како што и самиот сакал во своето завештание: да почива во ослободена Македонија, за која знаел дека нема жив да ја дочека), како морален чин и знак на почит и помирување со Македонците, каде извршија ужасни злочини и ѕверства во годините на фашистичката окупација на Македонија од 1941 до 1944… па и него им го  „припишуваме“, засега во тајност, но веројатно наскоро и на хартија. Но зошто баш Гоце, а не Даме, Тодор и слични контроверзни личности од ВМОРО? – Има нешто во ликот и делото на Гоце што го чини единствен македонски апологет, поборник за ослободување на својот народ од османско ропство, создавање на македонска суверена територија и држава. Кај него не можеле да влијаат туѓите обиди за присвојување на македонската борба под туѓо знаме и интереси. Гоце бил непокорен во својата борба и своите идеали. Гоце е се’присутен во македонската државност, темел на самостојноста. Вчера беше денот на Гоцевата смрт, но скромно беше посетено неговото почивалиште од нашите државни „достојници“; уште помалку се спомна неговото име и дело во медиумите. Затоа пак, источните соседи се јавија и го спомнаа како нивни револуционе. Епа кога ние не го славиме, друг ќе го слави. Ако Гоце верувал во светот како „поле за културен натпревар меѓу народите“, сегашниве политичари го разбираат како „поле за експлоатација и раздавање, на сметка на државните и народните интереси“. Македонското самопорекнување можеме да го сметаме за единствено „наш феномен“.

Ќе речеш, Македонија е мала држава со мал и негиран народ од секој сосед наоколу (чесен исклучок Србија и мнозинството Срби), кој како да нема своја историја и посебности, но сепак, секој сака да приграби сето тоа што е навидум „малку“: македонскиот фолклор, песните, раскажувањата, бајките, гатанките, пословиците итн., потоа, славните историски личности и настани од античката историја до денес… Дали преку ова грабање и принудување на „раздавање“ на македонскиот идентитет не е во прашање територијална агресија и злобна намера за присвојување на македонската земја? Се’ ми се чини, и покрај НАТО-вата заштита, суптилните намери на соседните ни народи и земји го имаат веќе скроено начинот и средствата за потиснување на секаква македонска посебност. И да не биде иронијата поголема, и неколку европски големи земји се на нивна страна и активно работат на поделба на македонската територија и народност и нејзино сведување на нација и етно-група.

Ќе мораме сите ние, Македонците, побудно и ажурно да го негуваме споменот за нашите великани и татковци на нашата држава Македонија, и да го браниме од туѓите посегнувања, како нешто наше и свето. Преку нив се создала нашата народност и идентитет. Нека им е вечен спомен и слава на сите врз чија крв е создадена Македонија.

Автор: Милан Велески

Ставовите изразени во колумната се единствено ставови на авторот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи