Празнување на Ѓурѓовден – верски празник, но и традиција на Ромите


Со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна поговорка се вели: “Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”. На овој ден се избираат селски одборници, овчари, козари, говедари итн. Многубројните и разновидни обичаи што се изведуваат на Ѓурѓовден, како што се песните што го опеваат разбудувањето на природата и радоста поради враќањето на животот по зимскиот пасивен период упатуваат на сознанието дека Ѓурѓовден е сточарски и земјоделски празник за нив, а христијаните веруваат во легендата дека Свети Георгиј е небесен клучар кој ги контролира небесните и земните природни појави што влијаат да биде топло летото и да биде богат бериќетот. Исто така се празнува и со жртвување јагне. Ѓурѓовден е верски празник кој се празнува на 6ти мај по стар стил или 23ти април по нов стил, односно приближно 40 дена по пролетната рамноденица.

Новите генерации се тие кои одлучуваат за негувањето на традицијата и имаат право на мислење и избор на сопствен животен стил и верување. Празникот се слави години наназад, а денес некои го слават знаејќи го значењето како верски празник, а некои не го слават воопшто. Па така, постои општо прифатено мислење дека Ромите како весел и мирољубив народ имаат децениска традиција да го слават празникот. Овој празник се слави „повеќе“ кај Ромите кои имаат различни традиции и обичаи поврзани со овој празник, во споредба со тоа што се празнува кај Македонците.

Како традиционален празник Херделез (Ѓурѓовден) е прифатен и негуван од страна на Ромите кои го прославуваат заминувањето на зимата и доаѓањето на нивното омилено годишно време-летото. Во минатото, традиција било претходно да ги чистат и бојадисуваат своите куќи во разни бои. Купувањето на нова облека и обувки за да бидат променети како што се променува природата е симбол на празникот, а тоа се надополнува со собирање на зелени гранки од топола и разни пролетни цветови со кои се китат куќите, а бањањето на своите деца пред празникот е практика која е останата од минатото, како верување за да им бидат здрави како природата и високи како топола. Празнувањето е пропратено и се одбележува со жртвување јагне, посета на роднините и пријателите, со многу музика и богата трпеза. Главните обележја на овој празник кај Ромите се животните вредности: љубовта, среќата, задоволството, складот и мирот, затоа што тоа се универзалните принципи и никој нема над нив авторски права.

Ромите го празнуваат овој празник како животна вредност, кој датира од нивната прататковина Индија. Имено, во Херделез/Хедерлез (некои научници овој ромски празник го именуваат и како Какави) се спојуваат два значајни празници од нивната прататковина, а тоа се празникот Холи и славењето на Божеството на Индра.

Празникот Холи е многу стар по своето потекло и се опишува во древните списи на Индија (во нивните сутри) и има свое длабоко духовно значење. Суштината на овој празник, со кој се врзуваат многу митови и легенди е прослава на конечната победа на доброто над злото. На самиот ден на празникот, кој се нарекува и фестивал на боите, луѓето со голема радост меѓусебно се залеваат со бои, играат, слават, се веселат и оддаваат добродојде на летото. Другото значење е славењето на Божеството на Индра, кој за разлика од многуте други верски божества има и своја човечка форма. Многу форми во борбите со демоните му се придаваат на Индра, но еден мит посебно е врзан за Индра. Во тој мит страшниот змеј/ змија по име Вртра (во превод Препрека) ја заробил водата од реките и не дозволувал да се наводнуваат житните полиња или да се обезбеди вода за пиење на луѓето или пак животните. Индра го убива змејот, ги ослободува водите и на целиот жив свет му носи просперитет и изобилие со вода која е многу важна во човековото опстојување.

Токму, поради непостоењето на авторски права за да се одбележува мудроста и рамнотежата на универзалните принципи, многу извори докажуваат дека го празнуваат и други народи ширум светот. Некои го одбележуваат како национален празник, други како празник патрон на држави и градови. Како верски празник се поврзува со Св. Георгиј кој бил трибун во војската на царот Диоклецијан. Тој верувал во Господ Исус Христос и го прифатил христијанството, а поради неговото јавно исповедање на верата бил маченички погубен. Во легендите е светец кој ја убива ламјата која му правела голема штета на народот. Светата црква го празнува како Великомаченик или во Македонија познат како Ѓурѓиц. Свети Георгиј е патрон на Грузија чие име и го носи на Москва, Англија и Каталонија.

Во контекст на Ѓурѓовден, постои традиционална народна песна на Ромското малцинство на Балканот, песна која го добила името по Пролетниот фестивал, со кој се слави враќањето на пролетта. Во продолжение, песната Едерлези од Горан Бреговиќ, Емир Кустурица:

Автор: Станица П.Е.Т.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи