Од Министерството за здравство (МЗ) информираат дека вкупниот број вакцинирани е 104 илјади граѓани, од кои 84 илјади примиле прва доза, додека 20 илјади граѓани имаат две дози од вакцината против ковид-19.
Во текот на вчерашниот ден, повеќе од 12 илјади граѓани се вакцинирале против ковид-19.
„Со последните бројки, 28% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина. Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 арената во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид“, стои во дневниот извештај на МЗ.