Новиот закон за продажба на државно земјоделско земјиште – LAND GRABING на легален начин

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


“Демократијата” и “Борбата за заштита на човековите права” создадоа услови за политички интервенции насочени кон ограничување на човековите права на легален начин, како и продлабочување на социјалниот јаз во корист на “демократските” влади.

Моменталните политички интервенции насочени кон воведување на нов закон за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, не претставуваат ништо друго освен обид за грабнување на земјоделско земјиште на легален начин со воведување на неправеден закон кој дозволувазлоупотреба на човековите права преку оттуѓување на земјиштето односно “договорен грабеж” на земјиште како „легално“ дејство под националното законодавство.

Без претходна анализа за негативните последици што ќе ги донесе овој закон на животната средина, економијата, социјалната благосостојба и човековите права за што постојат бројни примери во земји во светот, наметнато ни е да прифатиме да сме кираџии на сопствената земја и сами да го ограничуваме пристапот до природни ресурси,земја, храна.

Не мора да сте правник за да ги воочите нелогичностите во овој предлог Закон, и нејаснотиите во пропишаните членови на Законот.

Правото на сопственост на странски и физички лица ќе биде регулирано од желбите за реализација на стратешки инвестициони проекти на нашата Влада и странските инвеститори, за што досегашната пракса покажа декаскоро секогаш не се во прилог на граѓаните и државата.

Максималната и минималната површина на земјоделско земјиште во државна сопственост која може да биде предмет на продажба во постапка по јавен оглас се определува како процент од вкупната површина на земјоделско земјиште во државна сопственост предмет на договорот за закуп, но не постои ограничување на максималната површина која може да биде откупена од зантересираните страни.

Предмет на програмата за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост (тригодишна) може да биде максимум 50.000 хектари од слободното земјоделското земјиште во државна сопственост, и Програмата може да се изменува и дополнува,што остава простор за измени и дополнувања кои може да бидат на штета на државата и нејзините граѓани.

Право на учество на јавниот повик имаат физички лица кои се државјани на Република Северна Македонија и правни лица кои се резиденти на Република Македонија и во кои сопственоста на акциите или уделите во процент од најмалку 51% треба да биде во сопственост на физички лица државјани на Република Северна Македонија или правни лица резиденти на Република Северна Македонија, што нуди можност државното земјиште да стане “делумна”сопственост на странски лица. Доволно е да погледнеме бројни примери од други земји, како Романија за да видиме што може да ни донесе ваквата сопственичка структура на земјиштето.

Според законски пропишаните услови за учество на јавниот повик за продажба на земјоделско земјиште, се доаѓа до сознание дека овие услови се креирани со цел земјиштето да се откупи од големи правни субјекти, а малите и средните земјоделски стопанства да бидат елиминирани. Дали со овој Закон ќе ги оставиме егзистенцијалните земјоделци без пристап до земја, и ќе ги направиме земјоделците-работници на “нивна земја” за туѓи газди?

За начинот на користење на земјоделското земјиште продадено по пат на јавен оглас купувачот е должен да се придржува до доставена програма за користење на земјиштето во период од 10 години, што се случува после овој период? Дали земјиштето може да се користи за друга намена, руден коп… Ќе постојат ли некакви обрски за купувачот на земјиштето кои ќе треба да ги почитува после договорниот период?

Предлог Законот во понудената форма е нејасен, остава многу “легални” можности и буди многу сомнежи.

Владата за ваков Закон треба да отвори јавна дебата за да се разгледаат можностите и ризиците од носењето на овој закон, како и последиците што ќе ги има врз граѓаните и државата.

Граѓаните на ова земја заслужуваат објаснување за потребата од продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, и конкретизирање на целокупната постапка како Владата и засегнатите институции планираат да го спроведат тоа, зошто предложениот закон за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост во оваа форма не е ништо друго, освен LAND GRABING НА ЛЕГАЛЕН НАЧИН.

Автор: Марина Тошеска, ЛАГ Агро Лидер

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи