Пендаровски не го потпиша законот за легализација на дивоградбите


Претседателот Стево Пендаровски не го потпиша Указот за прогласување на Законот за легализација на дивоградби кој што Собранието со 72 гласа „за“ го донесе во вторникот на 11 мај. „За“ гласаа пратеници и од власта и од опозицијата. Пендаросвски за оваа одлука го известил претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Мојата одлука да не го потпишам Указот за прогласување на Законот ја донесов врз основа на детална анализа на текстот на Законот, при што утврдив дека текстот на Законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот. Исто така, сметам дека текстот на Законот нема општествена оправданост односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт. Текстот на Законот е спротивен на член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот каде што владеењето на правото е утврдено како темелна вредност на уставниот и, генерално, нашиот правен поредок.  Имено, фактот дека со овој Закон се легализираат противзаконитите постапки на физички и правни лица за бесправно градење, коешто е определено како кривично дело во Кривичниот законик, ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност. Таквата постапка е спротивна со член 9, став 1 од Уставот во кој што е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Дополнително, во член 51, став 2 од Уставот е определено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Убеден сум дека усвоениот Закон не само што ги става граѓаните во нееднаква положба, привилегирајќи ги оние кои не ги почитувале правните прописи на штета на совесните граѓани кои при градење на објекти постапувале во согласност со важечките прописи, туку, уште повеќе, стимулира непочитување на правните прописи. Стимулирањето на непочитувањето на правните прописи нанесува трајна штета на сите напоринашата држава да ја изградиме како демократска држава заснована врз владеењето на правото и почитувањето на правата и слободите на човекот и граѓаните“, вели во соопштението Педровски.

Пендаровски нагласува дека како претседател на државата се заколнал дека ќе ги почитува и штитам Уставот и законите, а таа обврска според него подразбирала не само формално почитување и спроведување на Уставот и законите, туку, многу повеќе, промоција на правната култура.

„Правната култура е одлика на сите цивилизирани заедници, а владеењето на правото и заштитата на јавниот интерес е принцип на сите демократски држави. Впрочем, владеењето на правото е основниот услов за остварување на стратешката цел на нашата држава за интеграција во Европската Унија, за чиешто остварување работеле и работат сите досегашни претседатели, состави на Собранието и влади. Како убеден демократ и легалист верувам во водењето на политиката во границите на правото и затоа не можам да се согласам од неправото да создаваме право. За жал, усвоениот Закон е пример за такво поведение. Во таа насока, апелирам до сите пратеници, независно од политичката припадност, а водејќи се од словото на Уставот и јавниот интерес, уште еднаш, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој текст на Законот“, додава Пендаровски.

Според законодавната постапка, ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, како во случајов, Собранието повторно го разгледува законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи