ВИДЕО – Протест во Прилеп против најавените реформи во образованието


Денеска во Прилеп се одржа мирен протест против донесувањето на новиот закон за Законот за учебници и наставни материјали.

 

Ова беше говорот кој пред присутните го прочита Драгица Мошкова, еден од членовите на иницијативниот одбор на овие мирни протести. 

„Почитувани родители, сограѓани, мајки и татковци, баби и дедовци, наставници и директори и сите кои денеска ни се придруживте на овој мирен протест со цел да го стопираме донесувањето на Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование! Овој протест е организиран и координиран од ГРАЃАНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА  “УЧЕБНИЦИ И НАСТАВА МОРА ДА ИМА”!

Јас како родител и како дел од Иницијативата, Ви се обраќам и Ви се заблагодарарувам што денеска без оглед на политичка определба, религија и националност, излеговте, да не поддржите исклучиво како РОДИТЕЛИ.

Верувам дека сите сме запознаени со терминот дигитализација и што тоа всушност значи и верувам дека сите знаеме дека тој процес кон кој се стреми Светот е неминовен и во образовниот систем и во сите другите области.

Но она кое нас не засега и за кое денеска сме тука е Законот за Учебници, отфрлувањето на Учебниците и воведување на е – учебници во образовниот систем како и Концепцијата за основно и средно образование.

Реформи ДА, потребни се, вистина е дека децата ни се преоптоварени со непотребни информации од моменталните учебници, но отскокнувањето во образовниот процес, кратење на предмети – ИСТОРИЈА и РАБОТА СО КОМПЈУТЕРИ, намалување на фондот на часови по македонски и англиски јазик, и заменување на класичните учебници со учебници во пдф формати и некакви замислени “ИНТЕРАКТИВНИ ЧАСОВИ”. НЕ се решение за напредок во образованието.

Од една страна промовираме еднаквост меѓу децата, недискриминација, од друга страна во Концепцијата се нагласени термини кои подлежат на нееднаквост и дискриминација.

Како родители не убедуваат “Учење на мултимедијални содржини преку дигитални помагала, а на децата од социјално ранливите категории и сите кои ќе побараат, училиштата ќе им испечатат некакви учебници – скрипти”.

Нагласувам дека во образложението од предлог Законот, во став 6 е пишано дека за учениците од 4то одделение од основното образование, па се до крајот на средното образование, да се даде можност да користат разновидни  Наставни и дидактички материјали, НАМЕСТО УЧЕБНИЦИ. Па еве јавно ја прашувам Министерката КАДЕ Е тука еднаквоста меѓу децата, КОИ МЕЃУДРУГОТО едни по желба ќе користат скрипти, а други уреди?

Според изјавите кои досега ги слушавме, сфативме дека ќе се намалат домашните работи, а децата ќе се насочат на истражувања, значи ако детето има потреба дома да истражува зададена мини домашна работа, ШТО ЌЕ БИДЕ СО РОДИТЕЛИТЕ КОИ ИМААТ ПО 2, 3 И ПОВЕЌЕ ДЕЦА? Како тие ќе набават два, три  и повеќе уреди за нивните деца?

Имаме родители кои НЕ спаѓаат во ранливи категории па сепак едвај врзуваат крај со крај за да го поминат месецот. Дали Министерката е запознаена со моменталната цена на уредите во ИТ маркетите?

Ако ние пред неколку години можевме да купиме еден лаптоп со нормални перформанси за солидна цена од 15 000 ден, денес истиот чини повеќе од 25 000 ден?

Исто така не интересира, со оглед на тоа дека Советите во училиштата НЕ беа повикани за да не известат дека се планира нова концепција и ние како засегнати родители НЕ бевме консултирани па сакаме да знаеме КОИ СЕ ТИЕ стручни лица според кои учебникот треба да се отфрли, а детето дома НЕ ТРЕБА ДА УЧИ, ДА ПОВТОРУВА и ДА СЕ НАДОГРАДУВА ОД УЧЕБНИК?

Кои се тие ПЕДАГОЗИ и ПСИХОЛОЗИ кои го одобрија овој Закон и ГО ОТФРЛИЈА РАЗВОЈОТ НА МОТОРИКАТА КАЈ ДЕЦАТА ПРЕКУ ПИШУВАЊЕ И ЧИТАЊЕ?

И како може да изјави Министерката дека РЕЗУЛТАТИТЕ од усвојувањето на овој Закон и Концепцијата ќе се знаат за 5 – 6 год, а децата кои се моментално на сред образовен процес ќе бидат експериментални глувчина па ќе видиме по 5 – 6 години дали ќе бидат писмени или не?

НЕМА да го дозволиме тоа со нашите деца. НЕМА да дозволиме, нашите деца да бидат предмет на тестирање, тие деца имаат иднина, нив дигитализацијата не им е новост, тие деца имаат слободни активности во кои користат уреди многу поодамна и не ги користат само за игри туку и за истражување и надоградување на знаењето и истите имаат определено време за користење дигитални уреди поради здравствени причини.

Доволен период од година ипол беше пандемијата која ни ПОКАЖА и ДОКАЖА дека на овој начин не можеме сите да функционираме.

Дајте да ИЗНАЈДЕМЕ заедно РЕФОРМИ кои ќе ги ПОТТИКНАТ учениците после овој тежок период, да им влееме желба за учење, читање и пишување, а не да ги правиме ИТ инжинери од мала возраст и да ги деградираме со отфрлувањето на класичните учебници.

Денеска покрај сите Вас кои сте присутни, РОДИТЕЛИ – МАЈКИ И ТАТКОВЦИ, БАБИ, ДЕДОВЦИ, ПРОФЕСОРИ, НАСТАВНИЦИ И СИТЕ ОСТАНАТИ дојдов и јас во својство на загрижена Мајка, на овој протест, заедно со сите Вас да го искажеме нашето незадоволство кон избрзаните реформи во образовниот систем.

Последните години како родители слушавме ветување за реформи во образованието, промена кон подобро, а добивме бришење и намалување на предмети, обид за укинување на хартиени учебници, платформа која од самиот почеток стана дисфункционална и реформи кои се наметнуваат преку ноќ, а се на штета на нашите деца.

Најмногу ме изреволтира, а верувам и Вас, немањето слух за мислењето на стручната јавност, за мислењето од родителите, но најважно на учениците.

Како родители покрај се прашшуваме што ќе биде со сите наставни содржини, а посебно со кабинетската настава, како ќе функционираат учениците по предметите во посебни кабинети, уредите ќе ги разнесуваат по училиштето или секој кабинет ќе има свој уред или ќе се укине и овој тип на настава?

Сите имаме право да прашаме и го дадеме своето мислење за нешто што ќе ја креира нашата иднина, а особено за она што ќе го тресира патот на идните генерации.

Ова мора да го сопреме сите заедно како родители, без политички цели и без поделба на националности и вери. Нам ни требаат РЕФОРМИ за менување и осовременување,

НЕ реформи кои ќе влијаат негативно на децата и ќе бидат на финансиска штета на родителите. Сведоци бевме за проектот “Компјутер за секое дете” кој се покажа како тотална грешка, прво немаше платформа за истиот, па додека стигна платформата компјутерите беа разделени или им фалеше по некој дел.

 

Ние денес излеговме и се залагаме за:

 

  • Хартиените учебници да останат задолжително за сите одделенија за основното и средното образование
  • Да се исклучи сеопфатното родово сензитивно образование во основното образование
  • Да нема спојување на два или повеќе предмети
  • Етика на религиите да остане како изборен предмет
  • Да ни се образложи и аргументира кратењето на фондот на часови по одредени предмети и наставниот процес за истите тие предмети
  • Да се создадат соодветни услови за инклузија на децата со оглед на нивната попреченост и потреба од посебна нега.
  • Да се креираат протоколи за настава со физичко присуство
  • И ЗАДОЛЖИТЕЛНО УЧЕСТВО НА СТРУЧНИ ПРЕТСТАВНИЦИ ОД ГРАЃАНСКИОТ СЕКТОР ВО РАБОТНАТА ГРУПА ЗА ИЗМЕНИ ВО ЗАКОНОТ!

Како родител верувам дека за нашата цел ќе се обединиме сите заедно!

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи