Медицинските сестри невидливи за државата, бараат под итно закон за признавање на нивното високо образование

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


До нашата редакција пристигна писмо од Иницијатива на здравствени работници кои ги бараат своите права. Во писмото се бара донесување на закон со кој ќе се признае високото образование за медицинските сестри.

Писмото го објавуваме во целост.

„Пандемијата ни покажа колку имаме кревко и неорганизирано здравство. Жешките костени ги вадеа медицинските работници, а најмногу медицинските сестри/техничари, кои впрочем се најизложени и најмногу време поминуваат покрај болните.

Прв бран, втор, трет… Аплаузи, аплаузи… А потоа ножот в грб…

Ете и Неделата на сестринството си дојде и си помина. И пак истото, како и секоја година: по некој прилог на ТВ, здруженијата ќе си ги кажат барањата, властодршците ќе нè пофалат за заложбите во пандемијата и така во круг, до наредната година – исто сценарио… а всушност континуирано се давиме во нерешени проблеми.

Замислете сè уште немаме закон за медицински сестри – како во секоја нормална држава! Нас нè нема, не постоиме. Не знаеме кои се нашите ингеренции. Кои се работните задачи на медицинската сестра со вонредно образовани, со Висока школа, магистратура? Сите работиме исто, но не сме платени според степенот на образование.

Често во ЈЗУ на раководни места се поставуваат кадри кои имаат несоодветно образование или ако имаат не одговараат за тоа место (читај партиски кадри). Знаеме дека секој не е кадарен да биде на раководно место и покрај своето образование. Во нормални држави постојат филтри при вработување на нови кадри или при поставување на раководни места. Не може некој штотуку вработен веднаш да го вклучиш во смена и да работи со болни, а претходно не си го поставил под нечие менторство.

Кај нас една сестра го работи она што во здравствените институции во странство го работат барем три сестри.

Затоа оваа мака нè натера да се здружиме на социјалните мрежи во група од повеќе од 200 членови со иста цел: решавање на нашето прашање, а тоа е признавање на високото образование на медицински сестри/техничари, акушерки, радиолошки техничари лаборанти и сестрите со специјализации.

Групата не познава партии, здруженија и синдикати кои впрочем се тие кои треба ова да го решаваат за нас со нашите ПАРИ. Самоиницијативно се здруживме и секое етикетирање ќе биде неосновано. Дури и сега се обидуваат да нè замолчат и етикетираат. До здруженијата,  синдикатите и сите партии е побарана официјална поддршка, но како што се намалува вирулентноста на вирусот, така се намалува и нивната заложба, а нам ни се намалува местото и достоинството во општеството.

Бараме во најкраток можен рок да се донесе законот и да ни се признае образованието!

Скоро во сите ЈЗУ во Македонија селективно се признава високото образование (читај: ако твојата партија е на власт, ќе ти се признае).

Токму ова предизвика револт и резултираше со вакво групирање.

Скоро сите имаме доставено барања до директорите, но сè уште нема одговор.

Испративме барање за прием до министерот, и од него НЕМА ОДГОВОР!

ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВИМЕ ЗА ДА НИ СЕ ЧУЕ ГЛАСОТ!?“, се вели во писмото од Иницијатива на здравствени работници кои ги бараат своите права.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи