Прилепчаните Димитроски и Стојкоски за 5 дена со велосипед поминаа 700 км. Прилеп-манастир Ново Хопово-Србија

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Двајца прилепчани Илија Димитроски и Игор Стојкоски членови на велосипедското здружение „Маркови точакџии“ пред само неколку дена со своите велосипеди поминаа 700 км. за само 5 дена од Прилеп до манастирот Ново Хопово, во Војводина, Србија. Целта на оваа како што ја нарекуваат вело поклоненичка тура била да се поклонат на моштите Свети Теодор Тирон кои ги има во манастирот. За тоа како ги поминале овие 700 км и кои се следните нивни вело поклоненички дестинации поразговаравме со Илија Димитриоски.

За само 5 дена поминавте 700 км. на релација Прилеп-манастир Ново Хопово, како дојде до реализација на оваа тура?

Оваа вело поклоненичка тура беше планирана пред 2 месеци, добро ја испланиравме. Во разговор со наши познаници дека во манастирот Ново Хопово, кој се наоѓа на Фрушка Гора, се наоѓаат моштите на Свети Теодор Тирон и од таа желба да се појди до таму не со автобус, автомобил или воз, туку со нашите велосипеди ја реализиравме оваа тура. Заедно со мојот колега Игор Стојкоски добро ја испланиравме рутата, која ја испланиравме да трае 6 дена, но поради добрите временски услови и ветерот во грб кој ни се појави истата ја реализиравме за само 5 дена.

 

 

По колку километри просечно поминувавте во текот на денот?

Како што рековме 5 дена, тоа се 5 етапи, првата етапа ја извозивме 128 км, втората околу 148 км, третата 150 и на четвртата и петтата етапа се извозија по 135 км на ден.

Како течеа етапите, каде останувавте за спиење?

Првата етапа беше Прилеп-Велес-Свети Николе и после Свети Николе останавме на кампинг, втората етапа беше од Свети Николе до Велика Грбовица каде останавме исто со кампинг, од Велика Грбовица до Парачин, потоа Парачин-Скореновац и последната етапа беше до самиот манастир.

Која од овие етапи ви беше најтешка за возење?

Сите беа подеднакво тешки, но ако издвојувам четвратата етапа поради временските услови кога го преминувавме Дунав имаше силен ветер и дожд. Но сепак издржавме до крај и сето тоа го направивме во рекордно време.

Дали посебно се подготвувавте за оваа тура затоа што не секој може за 5 дена да помине 700км. со велосипед?

Посебна подготовка немавме бидејќи ние секој момент го користиме да се качиме на велосипед и да возиме и да возиме некоја тура дали таа била 30, 40, 50 или 100 км. Посебна подготовка, освен морална психичка, физичка подготовка немавме.

 

 

Колку време се занимавате со велосипедизам и колку пати неделно возите некои тури?

Со велосипедизам се занимавам веќе 6-7 години, а возиме во зависност од тоа какви работни обврски имаме. Секој момент го користам да бидам на велосипедот.

Рековте дека целта на оваа тура беше да се поклоните на моштите на Свети Теодор Тирон во манастирот Ново Хопово, точно како се роди оваа идеја за да се појде до овој манастир, имаше ли некоја посебна причина?

Во разговор со наши пријатели кои биле таму, ни кажаа дека манастирот е многу убав и дека и моштите се таму и така изразивме желба да појдеме таму. Еден навистина прекрасен манастир на Фрушка Гора или тоа е поточно 18 км. пред Нови Сад или 87 км. од Белград. И посакувам секој кој има можност да го посети ова прекрасно место.

Назад како се враќавте?

Назад се вративме на еден чудесен начин, мој војнички другар со својот камион ни излезе во пресрет и се вративме назад. Сето тоа беше како да така треба да биди. Инаку беше планирано да се вратиме со воз.

Претходно го употребивте терминот вело поклоненички тури, дали е ова е ваша прва ваква вело поклоненичка тура која што ја спроведувате или имаше претходно и други?

Ова е наша втора ваква тура, првата се случи на 10 октомври лани кога тргнавме од Прилеп-Ресен-Галилица-манастир Свети Наум. И тогаш се роди таа идеја за вело поклоненички тури, така што ја користам оваа прилика секој кој сака да се дружи и да поминува повеќе километри со велосипед може да ни се придружи.

Спомнавте дека сте во план да имате и други вакви вело поклоненички тури, односно тури до некое свето место, православен манастир или црква, која е вашата наредна дестинација?

Нашата наредна дестинација е манастирот Острог на Црна Гора, која најверојатно би се реализирала во средината на месец август. Релацијата би била следна: Прилеп-Струга-Ќафасан-Елбасан-Тирана-Скадар-Острог.

Колку километри има до таму?

Турата е разработена, етапите се разработени, конечната дестинација би била околу 480 км. на 4 етапи. Првата етапа би била Прилеп-Струга околу 120 км. потоа Струга-Елбасан исто 120 км. Елбасан-Тирана и Тирана директно до Свети Василиј Острошки.

Споменавте дека може да ви се приклучи секој кој сака да се дружи, да вози велосипед и да посетува вакви места. Дали оваа тура која ја планирате за манастирот Острог до Црна Гора во месец август ќе ја објавите некаде, на социјалните мрежи на пример, па потоа да се пријават луѓе кои сакаат да ви прават друштво и да бидат дел од екипата?

Со самото враќање и реализирање на оваа тура до Ново Хопово веќе се пријавија неколку мина кои изразија желба да дојдат со нас до Острог, има заинтересирани и мислам дека ќе бидеме во поголем број за манастирот Острог.

Како изреагираа членовите на Маркови Точакџии кога се вративте ?

Можам само да се заблагодарам на пречекот, едно големо изненадување. Благодарен сум што сум член таму и можеби сум највозрасниот член во здружението. И ја користам оваа прилика да ги поздравам сите членови и сите велосипедисти.

 

 

 

Освен манастирот Острог дали имате во план и некоја подалечна дестинација која би се реализирала во блиска иднина?

После реализација на оваа тура до Острог, знаеме со Ковид 19 се е малку покомплицирано во однос на мерките и преминувањето на границите, следна тура која сакаме да ја реализираме е до градот Јаши во Романија, скоро до границата со Молдавија, каде се наоѓаат моштите на Света Петка. И таа тура ни е разработена и таа ќе се одвива повеќе денови, така што чекаме само да заврши пандемијата. И јас главното патување кое сакаме да го реализираме е патувањето до центарот на светот или до гробот на Исус Христос во Ерусалим.

Како ги реализирате овие патувања дали на свој трошок или имате спонзори?

Засега се е на сопствен трошок, еве ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите кои ни помогнаа, на било каков начин, но за Ерусалим најверојатно ќе ни требаат и спонзори, па кој сака да помогне може да ни помогне, да донира средства, мислам дека пишуваме историја бидејќи од Македонија до Ерусалим со велосипед можеби ќе бидеме првите велосипедисти кои ќе ја реализираат таа тура.

Велосипедизмот е се повеќе тренд не само во Прилеп туку и во цела Македонија, особено кај младите, зошто е тоа така?

И јас сум изненаден од таа појава, велосипедот е единствено превозно средство со кое здраво живееш, посетуваш многу места каде што неможеш со автомобил или друго превозно средство. Ја впиваш целата природа која те опкружува каде и да си. Луѓето со сигурност полека се враќаат на велосипедот.

Која е вашата порака до младите кои сакаат да се занимаваат со овој спорт?

Пораката би била секогаш кога имаат можност и слободно време да го земат својот велосипед и да се возат.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи