ВИДЕО – Започна масовната вакцинација во Прилеп, денеска и утре по 500 граѓани дневно со АстраЗенека


Во Прилеп конечно започна масовната вакцинација во спортската сала на СОУ „Ѓорче Петров“. Денеска и утре ќе бидат вакцинирани по 500 граѓани со вакцината на Астра Зенека, бидејќи засега Прилеп добил само 1.000 вакцини, а во четврток ќе се знае која вакцина ќе пристигне и колкава ќе биде бројката на пациенти кои дневно ќе бидат имунизирани. Капацитетот на објектот е 1.000 граѓани дневно. Граѓаните кои денеска први се вакцинираа препорачуваат тоа да го направат и другите.

„Јас се чувствувам засега добро, и му препорачувам на сите да се вакцинираат. Бидејќи вакцината е добра за здравјето“, рече Драга Маркоска од Прилеп.

 „Мој совет е сите да се вакцинираат, не боли, ништо не е страшно“, кажа Кирил Јорданоски од Прилеп.

 „Му препорачувам на сите да се вакцинираат за да имаат понатамошно здравје“, додаде Трајко Ристески од Прилеп.

Пунктот во Здравствениот дом во Прилеп каде се вакцинираа постарите граѓани е затворен и ова е единствен вакциналне пункт во градот. Оние граѓани кои досега примиле прва доза на вакцина во пунктовите во Битола и Кавадарци ќе мора таму да ја примат и ревакцината, а не во Прилеп.

„Граѓаните кои што се вакцинираа со прва доза во Битола или Кавадарци потребно е втората доза да ја примат на тие пунктови, бидејќи тука имаме граѓани кои што пред 3 недели добија вакцина со Синофарм и само нивната ревакцина ќе биде тука. Сите други граѓани да се упатуваат таму каде што примиле прва доза“, истакна Кети Смилеска, директор на општа болница Прилеп.

Надлежните повторно упатија апел за што помасовна вакцинација.

„Сите граѓани кои имаат можност и потреба ќе бидат вакцинирани во наредните 2 до 3 месеци. Вакцинирајте се граѓани мои, затоа што тоа е почетокот на крајот на пандемијата“, изјави Илија Јованоски, градонаќалник на Прилеп.

Инаку сите ковид оддели во прилепската болница се затворени, моментално има само 10 пациенти таму, а наскоро се планира затворање и на модуларната болница. Ковид пациентите ќе се примаат само во инфективното одделение.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи