Денеска се слави Свети Епифаниј, епископ Кипарски

Facebook
Twitter
Email
Print


Денеска е 12 мај (по стар стил) и се слави Свети Епифаниј, епископ Кипарски.

Роден како Евреин, но кога ја виде силата на Христовата вера, се крсти заедно со сестра му, Калитропија. Во неговата дваесет и шеста година се замонаши во манастирот на Свети Иларион. Подоцна основа засебен манастир, од каде што се прочу по сета Палестина и по сиот Египет заради своето подвижништво, духовна мудрост и чудотворство.

Бегајќи од човечка слава се оддалечи во Египет. На патот се сретна со великиот Пафнутиј, којшто му прорече дека ќе биде архијереј на островот Кипар. И навистина, по повеќе години, по Божја Промисла, Епифаниј дојде на Кипар, каде што ненадејно го избраа за епископ во градот Саламина и како епископ управуваше со Црквата Божја педесет и пет години. Живееше на земјата сè на сè сто и петнаесет години и се упокои од овој живот за вечно да живее во Царството Христово.

Пред смртта беше повикан во Цариград од царот Аркадиј и жена му Евдоксија, на собор на епископи којшто требаше, според желбата на царот и царицата, да го осуди свети Јован Златоуст. Граѓаните слушнаа, слушна и Златоуст, како божем Епифаниј да се согласил со царот против Златоуст. Затоа Златоуст му напиша писмо:

„Брате Епифаниј, чув дека си го посоветувал царот да бидам прогонет. Знај дека ни ти веќе нема да го видиш твојот престол“.

На тоа Епифаниј му отпиша:

„Страдалнику Јоване, одолевај им на навредите, знај дека и ти нема да стасаш до местото каде што те гонат“.

И обете светителски пророштва се обвистинија набрзо: не сакајќи никако да се согласи со царот околу прогонството на Златоуст, Епифаниј тајно седна на кораб и тргна за Кипар и на бродот умре, а Златоуст беше протеран од царот во Ерменија и тој по патот умре.

Свети Епифаниј се упокои во 403 година. Од многубројните негови дела најпознато е „Ковчежето“ (на грчки „Панарион“), во коешто се изложени и побиени осумдесет ереси.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи