Петрески: Нашите деца не служат за експеримент на кој Мила Царовска ќе спроведува проби!


Нашите деца не служат за експеримент на кој Мила Царовска ќе спроведува проби! Новата концепција која се поврзува со процесот на дигитализација, ниту ќе го подобри образованието, ниту ќе го зголеми знаењето на децата. Истакна на денешната прес конференција Мартина Петрески, Член на комисија за Образование и наука при ОК на ВМРО ДПМНЕ Прилеп.

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

„Доколку Мила е решена по секоја цена да воведе дигитализација, првенствено треба да обезбеди уред на секое дете, кој ќе значи дополнително средство за работа. Потребно е да се обезбеди и печатен учебник по секој предмет со сите наставни содржини на трошок на МОН, а не некакви скрипти кои училиштата ќе ги печатат без целосни содржини.

Дали министерката и нејзиниот тим влегле во подрачно училиште во рурална средина да се уверат во какви услови со распаднати тавани, огрев на дрва и санитарни јазли во „ливада“ учат тие дечиња? Нив ли ќе им воведуваат дигитализација? Ова се вистинските проблеми кои Илија Јованоски како локална власт и МОН треба првенствено да ги решаваат, а се поврзани со условите за квалитетно образование.

Кој ќе им помага на учениците да учат по дигитални учебници во услови кога некои немаат ИТ уреди или модерна технологија, немаат струја,  ниту интернет? Или истите ќе бидат дискриминирани со некакви си печатени скрипти? Како ли ќе се чувствуваат овие деца, кога нивните другарчиња и соученици, ќе следат поинаква настава на скапи уреди? Размислил ли некој за ваквиот вид дискриминација?

Дали некој направи сеопфатно истражување за да увиди како ваквиот процес на образование ќе влијае врз здравјето на децата? Како сето тоа ќе влијае на нивниот правилен психо-физички раст и развој со поминување на повеќе од 5 часа после настава пред компјутер или телефон?

Мила Царовска треба најпрво да им се извини на родителите за непромислената реформа, затоа што оди против нивната волја и сплотеност. Мила Царовска треба да им се извини и на сите наставници за навредата со изјавата дека на учениците не им било забавно во училиште. Со таква изјава се погазува достоинството на наставниците кои се најодговорни во создавањето квалитетна младина која активно ќе учествува и придонесува во општествениот напредок. Вака замислената реформа и новата концепција не смее да помине! Тоа ќе нанесе ненадоместлива штета по образованието и нашите деца!“, истакна Петрески.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи