Концерт на македонска духовна музика, „Песнопенија за Страдањата Христови“ и предавање „Етосот и естетиката на црковните музички химни во Пасхалниот период“


На 25 мај 2021 година во Прилеп се одржа предавањето: „Етосот и естетиката на црковните музички химни во Пасхалниот период“ проследено од концертот на македонска духовна музика: „Песнопенија за Страдањата Христови“. Настанот беше во организација на НУ Центар за култура „Марко Цепенков“, а се одржа во летната (отворена) сцена на Центарот. Присутните присуствуваа на извонредна вечер, која долго ќе ја паметат.

Предавањето од областа на естетиката на музиката, со акцент на православната химнографија од Пасхалниот период, кое предизвика голем интерес кај публиката, го одржа протопсалт м-р Гоце Секулоски. Концертот на македонска духовна музика „Песнопенија за Страдањата Христови“ беше музичка изведба од лирски карактер на неколку композиции посветени на Страсната Седмица. Во краткиот концерт беа исполнети „Денес виси на дрво“, „Живот си, Христе“, “Достојно е, Животодавче“, „Народите сите“ и „Христос воскресна. Извонредното музичко доживување кое се надоврза на предавањето го приредија Ана Митоска – вокал, Петар Христов – кларинет, критска лира, Кристијан Кожумановски – контрабас и Горан Дукоски – лаута.

Издвојуваме два кратки осврти за предавањето и концертот напишани од Слободан Беличански, и писателката Сузана Ѓорѓиевска:

„Предавањето на м-р Гоце Секулоски за црковните музички химни во Пасхалниот период беше извонреден вовед во концертот Песнопенија за Страдањата Христови. Вокалот на Ана Митоска, кларинетот и лирата на Петар Христов, контрабасот на Кристијан Кожумановски и лаутата на Горан Дукоски прозвучија во Христољубно единство. Како да го слушавме живото срце и на Страдалниот и на Воскреснатиот Христос!“, вели Слободан Беличански од Прилеп

 

РЕЧ БЛАГОДАРСТВЕНА

КОН ПРЕДАВАЊЕТО – „ЕТОСОТ И ЕСТЕТИКАТА НА ЦРКОВНИТЕ МУЗИЧКИ ХИМНИ ВО ПАСХАЛНИОТ ПЕРИОД“ И КОНЦЕРТОТ НА МАКЕДОНСКА ДУХОВНА МУЗИКА – „ПЕСНОПЕНИЈА ЗА СТРАДАЊАТА ХРИСТОВИ”

 

Тих претпразничен акшам збива над летната сцена на „Марко Цепенков“. Ја вести Руса Среда. Преполовение! Испоседнати под муракиплијата небо, ние, скапо купените, на громогласното „Христос воскресе!“ на предавачот, протопсалт м-р Гоце Секулоски, сефте вративме:

– Вистина воскресе!

Потоа надојде стерната. „Етосот и естетиката на црковните музички химни во Пасхалниот период“ надојде и бувна во нас, со живот купените, но не за да руши и поплавува, не за да раскостува  и откорнува, премостено да размостува, кренато да ничкосува… Надојде и бувна за ука, за воведение кај што воведени не сме биле, за избавление, за показ и приказ. Надојде да окуражи, да окрили, искариотизам со гргор да нариса, ништоверци и фарисеи  од сите страни да сардиса. Би Јустинијан од Тауресиум, и би песната Јустинијанова – Еднороден Сину. И би химната, гласот, би бојата, би обвинувањето, копјето в ребра, би крвта… Друго нема! Потоа ракоплескавме! Долго! Долго ракоплескаа скапо купените од една метохија голема колку во крпче да се врзе.

По приказно убавото слово, нова стерна! Македонска духовна музика! Песнопенија за Страдањата Христови. И приказно убав пој, врзопче од ноти и думи, врзопче од слики без боја нарисани, врзопче од нишки секакви подврзано со црвената нишка на Страсната Седмица. “Денес виси на дрво“, „Живот си, Христе“, „Достојно е, Животодавче“, „Народите сите“ и „Христос воскресе“ воскреснаа за нас.  Воскреснаа и нѐ смраморија! Нѐ смрамори едно македонско девојче (Ана Митоска) кое и билбил натпева. И еве, би Руса Среда и изврви, а јас уште го слушам појот – вдахновител, лирата и кларинетот ги слушам (Петар Христов), контрабасот и лаутата Кристијан Кожумановски, Горан Дукоски), а со нив и биежот на срцето ми поземено од белораката месечина испростумена  на волшебната певница. Вечер за приказ!

–          Христос воскресе!

Пишува: Сузана Ѓорѓиевска, 26 Мај 2021 година, Прилеп

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи