Се уште има фирми кои не дозволуваат синдикати, го кршат законот, а државата молчи, Општина Прилеп не сака да формира економско-социјален совет


Наш денешен гостин во Инфо Регион е Рубин Аризанкоски, од здружението „Достоинствен работник“ чиј што фокус на работа се работниците и нивните права. Со Аризанкоски поразговаравме околу тоа како и кои работнички права беа прекршувани од страна на компаниите за време на пандемијата и колку се почитуваа одредбите од законот за здравје и безбедност при работа.

Се уште кај нас во одредени компании имаме дискриминација, мобинг, неисплата на К-15, недавање на годишен одмор или неисплата на породилното отсуство. За време на пандемијата само во Општина Прилеп без работа останале околу 5.000 граѓани.

Според Аризанкоски работниците се повеќе се охрабруваат да ги пријават неправилностите и прекршувањата на нивните права, освен во секторот на текстилната индустрија, каде кај работниците се уште постои страв.

Со Аризанкоски поразговаравме и околу правата на домашните работници, нивното регулирање со новиот закон за работни односи, но и регулирањето со овој закон на работата од далечина, која стана актуелна за време на пандемијата.

Еден од главните механизни за заштита на работниците во една компанија е секако синдикатот. Но кај нас се уште има фирми кои не дозволуваат создавање на синдикати, а тоа го правдаат со постоење на одредени работнички совети во компаниите што воопшто не е исто. Иако со овие постапки го кршат законот државата останува слепа за тоа.

Според Аризанкоски со давањето на спонзорства за разно разни манифестации, под плаштот на општествено одговорни компании, одредени фирми си купуваат одредени бенефиции кај државата.

Аризанкоски вели дека поголема заштита на работниците може да се реализира и со формирање на економско-социјален совет на ниво на Општина Прилеп, за кој засега локалната самоуправа од само неа познати причини не сака да го формира. Засега прилепските власти соработувале само со работодавачите, а не и со работниците. Додека пак вакви совети функционирале во други општини.

За овие, но и други теми поврзани со работниците и нивните права и како тие треба да се унапредат во иднина погледнете во интервјуто.


Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи