Промоција на Зборник „Конески на 11 јазици“

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) ќе го промовира зборникот „Конески на 11 јазици“ – зборник од Првата зимска школа на МСМЈЛК, којашто се одржа на почетокот на годинава и беше прва активност во рамките на програмата за одбележување на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески.

Промоцијата ќе се одржи виртуелно, на платформата Зум, на 3 јуни 2021 година, со почеток во 12 часот, а со свечена реч ќе ја отвори ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, по што ќе следи и пригодна реч на директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Промотори на Зборникот ќе бидат странските македонисти проф. д-р Намита Субиото од Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана, Република Словенија и проф. д-р Даниела Костадиновиќ од Филолошкиот факултет на Универзитетот во Ниш, Република Србија.

Во Зборникот се објавени препеви на песни и преводи на кратки прозни текстови на Конески остварени од странски македонисти – слушатели на двата напредни курса за литература и за преведување на Зимската школа, со што делови од творештвото на Конески коишто претходно не беа преведени на сите овие јазици, сега се објавуваат на: руски, полски, чешки, словенечки, хрватски, српски, бугарски, италијански, шпански, грчки и турски јазик. Ова е прв зборник на МСМЈЛК во којшто се објавуваат во толкав обем и на толку јазици препеви и преводи од творештвото на Конески остварени во текот на програмските активности на МСМЈЛК. Истовремено, во Зборникот се објавени и текстови со сеќавања за Конески од странски македонисти – академиците Зузана Топољинска, Иван Доровски, Виктор Фридман и Горан Калоѓера.

На Првата зимска школа на МСМЈЛК учествуваа дури 50-тина учесници од 15 земји. Промоцијата на Зборникот од Школата е дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ и се организира во рамките на Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, под покровителство на претседателот на државата, Стево Пендаровски, а во координација на Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи