Вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши, денеска на прес-конференција соопштија дека за 7 компании се изречени прекршочни пријави и казни за нелегален увоз, складирање и продажба на мазут.
Станува збор за РКМ ДООЕЛ, Супертрејд, Евротим, Пертинакс Скопје, Ли-Оил, Блу Технолоџи и КА-Оил. Кај дел од нив немало залихи, било констатирано погрешно водење на сметководството, отстапки во квалитетот, а некои имале привремени забрани за работење, односно им била одземена лиценцата. За овие 7 компании се изречени прекршочни казни во висина 55.510 евра.
„РКМ ДООЕЛ ќе биде санкционирана за немање на залихи и неточно водење на смектоводство. Исто така и Супертрејд за немање залихи што е законска обврска. Евротим поради немање залиха, и оваа компанија веќе има забрана за промет на мазут. Компанијата Пертинакс Скопје нема залихи, ЛИ ОИЛ Кавадарци нема залихи на мазут, БЛУ технолоџи за несоодветна сметководствена евиденција и оваа фирма има привремена забрана. КА ОИЛ Енерџи Кавадарци нема залиха, и утврдено е дека компанијата вршела трговија без лиценца од РКЕ. За сите овие компании, веќе е информирана РКЕ, која ќе превземе мерки“, рече Бектеши.