7 500 изгубени работни места во втор и трет квартал во 2020, најранливите работници најсилно погодени од пандемијата

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Вкупно 7.500 работници останале без работни места во вториот и третиот квартал во 2020 година во споредба со истиот период во 2019 година.

Најголем дел од изгубените места се помеѓу ниско платените работници без формален писмен договор за вработување што покажува дека работниците кои и пред пандемијата биле несигурни односно ранливи се силно погодени. Ова беше истакнато на денешната панел дискусија „Ранливите работници по корона-тобоган“.

Деспина Туманова од Фајнанс Тинк изјави дека воедно во четвртиот квартал од 2020 и првиот квартал од оваа година е забележана блага стабилизација и намалување на невработеноста на пазарот на труд.

„Нашето истражување покажа дека во текот на пандемијата забележани се и две позитивни тенденции на пазарот на труд прво згаснаа речиси 47.000 ниско платени работни места, но тие не се изгубени туку го надминаа прагот за ниско платени кои што изнесува околу 13.000 денари пред се поради растот на минималната плата во изминатиот период, но и воведените владини субвенции на придонеси за зголемување на платите кои што беа воведени во 2019 година. Втората позитивна тенденција и можеби позначајна е што во текот на пандемијата згаснаа повеќе од 14.000 неформални работни места кои што не се изгубени туку формализирани со цел искористување на владините мерки за заштита на работните места, поточно мерката за субвенционирање на платата, формализацијата на работните места се вршеше најчесто преку договори на определено работно време па затоа Владата треба да воведе механизми за нивно задржување и евентуално претворање во договори на неопределено работно време“, изјави Туманова.

Претседателот ССМ, Дарко Димовски потврди дека најголем губиток на работни места се оние со договори на определено време.

„Ние како Сојуз на синдикати во новиот закон за работни односи преговараме и се бориме договорите на определено време да траат најмногу една година баш поради овие причини и ќе застанеме на тој став и тие договори да може да се продолжуваат во годината максимум двапати бидејќи не може во едно претпријатие само директорот и менаџерот да бидат пријавени на неопределено време, а сите останати работници да бидат со договори на определено време. Така работникот не може да си ја планира иднината, нема здравствено осигурување, и затоа тој бара решение во Европа односно во ЕУ затоа и добар дел на квалификувани добри работници ја напуштаат нашата држава“, вели Димовски.

Според претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров, сивата економија треба да се сведе на нормални граници, поточно дека не е доволно само да се покачат казните и да се крене свеста за плаќање даноци, туку и дека треба да се дефинираат причините зошто луѓето стануваат дел од неформалната економија.

„Различно е ако некој работодавач го изигрува законот за работни односи и вработува луѓе на црно и тогаш навистина тој треба да сноси големи казни и да трпи неговиот бизнис затоа што е на еден начин нелојална конкуренција на оние што чесно вработуваат и плаќаат даноци и придонеси, но кога зборуваме за вработени во семејните домаќинства каде што се најчесто во земјоделието каде што работат двајца или тројца, а само еден е регистриран како земјоделец да ги запрашаме тие луѓе зошто не се пријават и не се регистрират во задолжително пензиско и здравствено осигурување тие веднаш ќе ви кажат подобро е она што ќе го заработиме да го задржиме за во старост отколку да плаќаме пензиско и здравствено осигурување бидејќи не се задоволни од тие услуги значи во суштина треба тие самите да проценат дека е подобро да ги плаќаат придонесите отколку да ги штедат дома“, изјави тој.

Нови атрактивни профили за учебната 2021/2022 во СОУ „Ристе Ристески-Ричко“

Профили за уписи во I ( прва ) година во СОУ „Орде Чопела“ - Прилеп

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Нови атрактивни профили за учебната 2021/2022 во СОУ „Ристе Ристески-Ричко“

Play Video

Профили за уписи во I ( прва ) година во СОУ „Орде Чопела“ - Прилеп

Play Video