СДСМ Прилеп: За 3 години СДСМ направи повеќе за спортот во Прилеп отколку ВМРО-ДПМНЕ за 12


12 годишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Марјан Ристески на локално и Никола Груевски на централно ниво, остави длабоко негативни последици врз спортот и спортистите во Прилеп, велат во својата писмена реакција од ОО на СДСМ Прилеп, која доаѓа после прес конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп во која тие рекоа дека за 4 години СДСМ нема вложено ниту 10 денари за подобрување на спортската инфраструктура во Прилеп.

Реакцијата ја пренесуваме во целост.

„Наместо во изградба на нова спортска инфраструктура и одржување на постојната, парите завршуваа во џебот на криминалците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Токму во тие лоши времиња за градот и државата, Прилеп го изгуби прволигашкиот фудбал, а градскиот стадион „Гоце Делчев“ се претвори во руина, заради што ВМРО-ДПМНЕ повеќе нема никаков кредибилитет да зборува за спортот во Прилеп.

За разлика од некадарноста и негрижата на ВМРО-ДПМНЕ за спортот, и покрај пандемијата со коронавирусот, локалната власт предводена од СДСМ и градоначалникот Илија Јованоски инвестира во изградбата на нови спортски објекти.

Градскиот стадион „Гоце Делчев“ е целосно реконструиран. Обновени се трибините, од кои северната е покриена, поставен е нов тревник, рефлектори за ноќни утакмици. Денес, Прилеп има модерна фудбалска арена, каква што заслужува најспортскиот град во државата.

Кај Прилепското езеро, во завршна фаза е изградбата на новиот спортско-рекреативен комплекс, во кој се вклучени пешачки патеки, игралишта за кошарка, одбојка, пинг-понг, со којшто го враќаме сјајот на тоа познато излетничко место.

Во полн ек е изградба на новата спортска сала во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, со што решаваме уште еден наследен проблем од претходната власт.

Во трите години локална власт на СДСМ, направени се повеќе инвестиции во спортот отколку во трите мандати на Ристески и ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните го препознаваат тоа и знаат дека СДСМ е најдоброто за нивната општина“, велат од ОО СДСМ Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи