Почнува пријавување и запишување ученици во средните училиштa

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Запишувањето во прва година средно образование во учебната 2021/2022 година почнува денеска и ќе трае во наредните 3 дена.

Согласно конкурсот, во 109 средни училишта има вкупно 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки, од кои 19.602 во стручно образование во 604 паралелки, 9.261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 ученички места во 35 паралелки во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и Математичко-информатичка гимназија.

Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши согласно распореди подготвени од училиштата.

Во јунскиот уписен рок има три пријавувања и запишувања – првото е на 14 јуни од 12 до 19 часот, на 15 и 16 јуни училиштата ќе примаат пријави од 7 до 19 часот и на 17 јуни – од 7 до 15 часот. Ранг-листите со резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 17 јуни по 16 часот. Квалификациското тестирање ќе се организира во училиштата на 21 јуни 2021 година и тој ден ќе бидат објавени конечните ранг-листи со резултатите. Второто пријавување овој месец е на 23 и 24 јуни, а третото е на 30 јуни.

Во конкурсот, кој беше објавен во март, стои и дека учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места по јунскиот рок, на 23 август 2021 година за што доставуваат доказна документација.

Годинава отворени се 97 дуални паралелки (во 46 средни училишта во 25 општини), кои заедно со над 200 компании ќе спроведуваат концепт на дуално образование и зголемен обем на практична обука за 2001 ученик. Од нив, 11 паралелки се од веќе постојните програми, а 86 паралелки се резултат на нови соработки помеѓу училишта и компании кои изразиле подготвеност да примаат ученици на практична обука директно на работно место.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи