Поместувања во нафтениот бизнис – Макпетрол и Супертрејд лани за едно место ги симнаа Окта и Лукоил

Facebook
Twitter
Email
Print


Корона кризата ни заштеди на гориво. Намалените патувања, затворените граници, карантините, работата од дома значително ни ја намалија потребата од полнење на резервоарите на автомобилите. Во возило се влегуваше само од најитни потреби до болница, маркет, работа и дома. Тоа секако се одрази на вкупната потрошувачка на нафтени деривати во земјава. Бројките за најголемите пет нафтени компании во земјава Макпетрол, Окта, Лукоил, Супертрејд и Дади Оил говорат дека 2020 година сепак била турбулентна за нафтените компании. Некои изгубиле, некои добиле.

И во корона криза лани овие пет нафтени компанија оствариле вкупен приход од 740 милиони евра. Овој промет е на слично ниво од 2017 година, но далеку помал од годината пред кризата 2019-та која била и најуспешна во нафтениот бизнис во последните четири години. Низ овие компании по основ на приход во 2019-та се слеале 1,1 милијарда евра или за 33 проценти повеќе од 2020 година.

Според податоците на Пари и Бизнис Мрежа за работењето на овие фирми од 2018 година па наваму интересно е да се забележи дека лани во време на корона две компании паднале од својата позиција.

МАКПЕТРОЛ ЈА НАДМИНА ОКТА И СТАНА ЛИДЕР НА ПАЗАРОТ И ПО ОСТВАРЕН ПРИХОД

Ако Окта била компанијата која што до пред 2020 година имала најголеми приходи од продажба на нафтени деривати, лани од оваа позиција ја симна Макпетрол. Меѓутоа промени има и подолу на листата, имено ако Лукоил беше компанијата што претходните години по остварен приход била на трето место, минатата година оваа место и припаѓа на Супертрејд. Оваа пак компанија месецов беше особено актуелна по сомнежите што беа изнесени за квалитетот на мазутот што го продава. Подетални податоци може да погледнете во табелата:

И петте компании имале пад на приходната страна сепак најмногу изгубила Окта која во 2020 остварила промет од 251 милион евра или -45 проценти во однос на 2019-та. Втора најголема загуба забележала Лукоил од -39 проценти(71 милион евра). Најмал пад имала Супертрејд која со 86 милиони евра е на трето место по Макпетрол и Окта, а пред Лукоил по остварениот приход лани. Оваа компанија забележала најмал пад од петте од само 9 отсто во однос на 2019-та.

МАКПЕТРОЛ ЗАРАБОТУВА НАЈМНОГУ, СУПЕРТРЕЈД ЕДИНСТВЕНА СО РАСТ

Во однос на добивката на петте најголеми нафтени компании, ситуацијата е малку поинаква.Макпетрол е компанијата која што најмногу заработува на пазарот. Со добивка од 5,7 милиони евра лани е далеку над останатите четири компании.Сепак далеку е од профитот што го остварила 2019 од 14,3 милиони евра или забележала пад за 60 проценти. Окта работи со големи загуби, а во 2020 покажала загуба од дури 8,5 милиони евра.

Иако по приход Супертрејд го надмина Лукоил сепак во однос на добивката руската нафтена компанија е во далечна предност пред Супертрејд. Бројките покажуваат дека Лукоил заработил 2,1 милион евра додека Супертрејд 1,5 милиони евра. Сепак Супертрејд е компанијата од нафтениот бизнис единствената што остварила раст лани од 20% додека сите други работеле во загуба.Очигледно поголемите компании колачот го поделиле со помалите па и Дади Оил остварил добивка од 1 милион евра додека во 2017 година на пример имал само 107 илјади евра.

Петте компании вкупно во 2020 година имале вработено 2685 работници, од нив најмногу работат во Макпетрол 1854 и Лукоил 452.

Редакција Пари

Извор БизнисМрежа.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи