Ситуацијата во угостителскиот сектор е алармантна. На компаниите од угостителството и туризмот им недостигаат 50 % од потребниот кадар и тоа, келнери, рецепционери, готвачи и помошници готвачи, покажуваат резултатите од интерната анкета која била спроведена од една од коморите, информира Синдикатот на угостителство и туризам (СУТКОЗ).
Од СУТКОЗ велат дека предупредиле уште на самиот почеток на здравствената криза дека оние работодавци кои не ги почитуваат работниците и ја злоупотребуваат состојбата нема да бидат толерирани.
„Сведоци сме како работодавците од овие сектори бараат работници и се жалат, па им порачуваме на тие газди сами да си работат или да им се извинат на работниците, да ги вратат и платат согласно работното место кое го работат со коефициентите за плата пропишани во Колективниот договор за угостителство и туризам, за да се спаси туристичката сезона“, велат од СУТКОЗ.
Од почетокот на кризата податоците говорат дека од 4 до 20 илјади вработени го напуштиле угостителскиот сектор. СУТКОЗ ги охрабрува вработените во овие сектори да ги пријават сите прекршувања на работничките права до СУТКОЗ и ССМ, со цел навремена интервенција.