Китаноски: Зборот е збор, граѓаните ги добија субвенциите за набавените инвертори и велосипеди

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Грижата за граѓаните, за решавање на нивните проблеми, се покажува со дела, а не со празна реторика и евтин популизам, изјави на денешната прес конференција Александар Китаноски – Член на Совет на општина Прилеп.

Прес конферецијата ја пренесуваме во целост.

„Втора година по ред, Општина Прилеп издвојува средства за субвенционирање на дел од трошоците на граѓаните за купување на грејни тела со инвертор и велосипеди.

За субвенционирање на инвертори, оваа година од општинскиот буџет беа издвоени 4 милиони денари, како и 1 милион за набавка на велосипеди.

За разлика од минатата година, кога заради помалиот број на апликации не беа потрошени сите средства предвидени за таа намена, годинава интересот на граѓаните за јавниот повик, кој беше реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“, беше огромен.

Со цел да не бидат оштетени оние граѓани кои своите барања ги испратиле во дозволениот рок заклучно со 6-ти април, на последната седница Советот на општина Прилеп ја измени и дополни претходно донесената Одлука за определување на максималниот износ на доделените субвенции.

На тој начин, сумата за субвенционирање на дел од трошоците за набавка на инвертори беше зголемена за 143.000 денари, а таа за велосипеди за дополнителни 637.000 денари. Конечно, тоа значи дека со годинешниот јавен повик, Општина Прилеп субвенционираше дел од трошоците на граѓаните за набавени 415 инвертори и 340 велосипеди.

Она што треба да се потенцира, е дека на последната седница на општинскиот Совет, Одлуката за издвојување дополнителни средства за субвенционирање на што поголем број граѓани, беше донесена без гласовите на советниците на ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа, ВМРО-ДПМНЕ директно застана против интересите на граѓаните на општина Прилеп и уште еднаш го покажа вистинското лице.

Дека пристапот на Општинската организација на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и локалната самоуправа предводена од градоначалникот Илија Јованоски е сериозен, потврдува фактот дека Општина Прилеп денеска започна со исплата на средствата за набавените инвертори и велосипеди.

Тоа значи дека заклучно со денеска, сите граѓани на своите жиро-сметки ќе ги добијат субвенционираните средства.

Почитувани, ВМРО-ДПМНЕ е партија во која ништо не е сменето и во чиј фокус се единствено интересите на поединци од партиската врхушка. Тоа е истата онаа антидржавна и антинародна политика, која злосторничкото здружување ја практикуваше 11 години на централно и 12 на локално ниво.

За разлика од нив, СДСМ останува доследен на градењето на концептот „Едно општество за сите“. Концепт кој подразбира подеднаква грижа за сите граѓани, без разлика на нивната етничка, партиска или била каква друга припадност.

Граѓаните ги прифаќаат таквите политики кои резултираа со членство на нашата земја во НАТО и приближување на чекор од Европската Унија.

Заради сето тоа, како и заради реализираните проекти во изминатите три и пол години, на претстојните локални избори граѓаните повторно ќе му ја дадат довербата за нов четиригодишен мандат на кандидатот за градоначалник и на советничката листа на СДСМ,“ рече Китаноски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи