Норвешка донесе закон за инфлуенсерите да нагласат ако ги „разубавуваат“ фотографиите, казна за прекршителите


Норвешките пратеници со големо мнозинство донесоа нов закон според кој инфлуенсерите и огласувачите ќе имаат законска обврска да истакнат кога некоја нивна фотографија е фотошопирана или изменета со филтри. Законското решение им наложува на инфлуенсерите на социјалните мрежи јавно да го назначат „разубавувањето“ на фотографиите што ги објавуваат, односно уредувањето на нивните фотографии мора да биде наведено во постовите на Фејсбук, Инстаграм и на другите социјални мрежи. Било какво кршење на овој закон се казнува со парични казни, а во екстремни случаи и со затворска казна.

Овој закон е резултат на повеќегодишни залагања на младински групи и министерството за деца и семејни работи, кои повикуваа да се воведат построги мерки поради растечката загриженост околу прикажувањето на телото и менталното здравје.

„Нè загрижува култура која креира социјална несигурност што придонесува за намалување на самодовербата. Со новиот закон, на реклами и спонзорирани објави на социјалните мрежи на кои карактеристиките на телото се изменети со фотошоп или филтри, тоа ќе мора јасно да се означи. Оние што нема да го направат тоа, ќе бидат казнети“, велат од министерството.

Како примери за фотошопирање, се наведува дека ова се однесува на зголемени усни, нагласени мускули или стеснет струк итн.

Овој закон се уште не стапил на сила, а дали ќе стапи и кога, ќе одлучи кралот на Норвешка.

Од Министерството нагласуваат дека една последица на овој закон би можела да биде притисокот на инфлуенсерите сега да почнат да се потпираат на козметички операции за да ги достигнат „идеалите на убавината“.

Истражувањето што го спроведе министерството за деца и семејни работи откри дека повеќе од половина од средношколките во Осло имаат некакви ментални проблеми, а анорексијата е третата најчеста причина за смрт кај млади девојки.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи