Гранпри за КУД „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце, а Гајдата на Пеце за Филип Арилон од Велес

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Машкото вокално трио од Културно-уметничкото друштво „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце е добитник на Гран-при наградата за најдобра изведба на 47 Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ што  заврши синоќа на Рудина, Долнени. Гајдата на Пеце за најдобар гајдаџија ја доби Филип Арилон од Велес.

Според жирито, етномузиколози, д-р Родна Величковска и м-р Стојанче Костов од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и д-р Горанчо Ангелов од музичката академија при универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, машкото вокално трио од КУД „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце многу успешно го претставува посебното гласоечко пеење од долно-полошкиот регион кое е заштитено од УНЕСКО како нематеријално културно наследство. Младиот гајдаџија Филип Арилон успешно ги пренесе звуците на гајдата, покажувајќи ја умешноста на свирењето на овој народен инструмент.

На Фестивалот се доделени и 10 специјални награди-статуетки за успешно негување на изворниот мелос од групи и поединци. И тоа на: КУД „Дримкол“ Вевчани, вевчански лазарки, на КУД „Русалии“ од Секирник, Струмичко, на КУД „Дуфла“ од Рашче, Скопје, на Детскиот традиционален оркестар при КУД „Илинден“ од Битола, на Фолклорниот ансамбл „Етнос“, на ФА „Љупчо Сантов од Оризари, Кочани, на Фолклорната група „Копачка“ од селото Драмче, Делчево, на Оркестарот за изворни инструменти и ора при Центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани, на Музичко-балетското училиште „Илија Николовски-Луј“ кое е единствен училишен центар што има насока за традиционална музика и игри, и на гајдаџијата Роберт Митров од Јаргулица, Радовишко.

47 Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасасовски “ се одржуваше на 2 и 3 јули во Прилеп и на Рудина, Долнени. Годинава учествуваа околу 320 изведувачи, групи и поединци, од сите краишта на земјава. За првпат по 25 години на Фестивалот одекнаа звуците на оригиналната гајда на основачот и големиот уметник Пеце Атанасовски. Се одржаа и: Семинар за изучување на народните инструменти и песни („он-лајн“) со 12 млади учесници од Кочанско и Прилепско и Симпозиум на тема „Фолклорот во минатото и денес“ со еминентни етномузиколози, а е издаден и Зборник на трудови од фолклористиката.

Овој реномиран национален фестивал е под покровителство на министерството за култура и со поддршка на општините Прилеп и Долнени.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи