Замрзнат имот – судот забрани децата на Рашковски да го продадат или изнајмуваат имотот што им го препишал

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Во рамките на истражната постапка што се спроведува во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, против екс секретарот на Владата, Драги Рашковки и уште тројца за злоупотреба на службената положба и овластување при спроведување на постапки за јавна набавка, предметниот јавен обвинител, со цел да не дојде до осуетување на намирувањето на оштетното побарување во текот на кривичната постапка, побара од Основниот кривичен суд – Скопје да определи привремени мерки за обезбедување на имотно-правно барање.

Кривичниот суд замрзна имот и трансакциска сметка која се поврзува со Рашковски. Ова е направено по барање на обвинителката Ивана Трајчева.

Освен на Рашковски, замрзнат е имотот и на фирма која беше сопственик на возило управувано од Рашковски, а за кои сега се води истрага. Воедно, потврдена е и мерката за куќен притвор, која му беше одредена почетокот на јули месец.

„Во предметот како оштетена се јавува државата со оштетно побарување во вкупен износ од 17.642.237,00 денари. Спрема едно од осомничените лица е определена привремена мерка – забрана за располагање со средства од сметка на која осомничениот како физичко лице има овластување да располага. Со истото решение спрема две малолетни лица, на кои првоосомничениот во предметот е законски застапник, е определена привремена мерка – забрана за оттуѓување или оптоварување на своите недвижности или стварни права кои врз недвижноста се запишани во корист на законскиот застапник, со прибелешка на таа забрана во јавна книга или да ги даде под закуп“, информираа од Обвинителството за замрзнување на имотот сопственост на децата на Рашковски, кој им го препиша откако Обвинителството отвори постапка за него.

Привремените мерки за обезбедување на имотно-правното барање ќе траат најдолго до правосилно завршување на кривичната постапка или до поинаква одлука на судот.

Во исто време претходно изречените мерки за обезбедување на осомничените се продолжени за нови 30 дена.​

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи