ДЗР: Издавањето на Б-Интегрирани еколошки дозволи не овозможува целосна контрола над загадувањето

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките и активностите за издавање на Б-интегрираните дозволи” за да се даде одговор на прашањето „Дали со Б-интегрираните еколошки дозволи се овозможува интегрирано спречување и контрола на загадувањето на животната средина од индустриските активности?‘‘

Ревизијата на успешност е извршена согласно Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2020 година, а се однесува на периодот 2017-2019 година, иако одредени области, прашања и настани се опфатени пред 2017 година и последователно до денот на известување од извршената ревизија.

„Во периодот 2017 – 2019 година од страна на субјектите предмет на ревизијата наплатени се надоместоци во вкупен износ од 7,4 милиони денари. Кај сите субјекти ревизорите утврдиле различно толкување и начин на примена на подзаконските акти, што се одразува на точното и воедначено пресметување на надоместокот. Различниот начин на пресметување на надоместокот, доведува до нееднаков третман на операторите на инсталации кои се должни истиот да го плаќаат, а истовремено влијае на неправилно и нецелосно почитување на начелото „загадувачот плаќа‘‘, наведоа од ДЗР.

Од Заводот посочија дека кај поголем дел од субјектите не е воспоставена сметководствена евиденција на побарувања од операторите на инсталации, што не овозможува нивно следење и редовна наплата.

Во ревизорскиот извештај се наведува дека, Министерството за животна средина и просторно планирање и дел од општините имаат воспоставено режим на издавање интегрирани еколошки дозволи, но недостасува интегриран систем и контролен механизам кој во целост ќе ги опфати индустриските инсталации кои со своите активности емитуваат штетни материи во животната средина.

„Иако е познат вкупниот бројот на активни деловни субјекти распределени во сектори на дејност (75.914 субјекти) согласно Националната класификација на дејностите, не е познат бројот на деловни субјекти кои вршат активности за кои е потребно да поседуваат Б-Интегрирана еколошка дозвола (Б-ИЕД). Дополнително, дел од инсталациите кои поседуваат дозволи за усогласување со оперативен план (ДУОП) нецелосно го запазиле или пак не го испочитувале законскиот рок за обезбедување на Б-ИЕД, што им овозможува да продолжат со активностите кои имаат неповолно влијание врз квалитетот на животната средина“, наведоа од ДЗР.

Од таму посочија дека индустриските инсталации кои работат без интегрирани еколошки дозволи (ИЕД) не овозможуваат да се контролира целокупното загадување кое тие го предизвикуваат и постои ризик преку своите активности да ги надминуваат определените дозволени гранични вредности на загадувачки супстанции што предизвикуваат штетни последици за животната средина, живото и здравјето на луѓето.

„Една од причините за утврдените слабости во начинот на издавање на Б-ИЕД е недоволната кадровска екипираност во општините и инспекциските служби, како и недостатокот на обуки и конкретни насоки за постапување во областа“, истакнаа од ДЗР.

Нагласија дека со оглед на тоа дека интегрирано спречување и контрола на загадувањето на животната средина е комплексна област која бара значителни стручни познавања, разликите во содржината на дозволите, најчесто се заради различните видувања, стручни знаења, искуства и обученост на вработените лица чии работни активности се непосредно поврзани во издавањето на дозволите.

„Ваквиот начин на постапување предизвикува не воедначен пристап при издавањето на дозволите и претставува ризик од постоење на субјективизам при дефинирање на нивната содржина, што истовремено неповолно се одразува при вршењето на мониторингот и надзорот над инсталацијата, како и при пресметката на надоместоците кои операторите на инсталациите треба да ги плаќаат“, наведоа од ДЗР.

Со извршената ревизија, во областа мониторинг, надзор и известување, ревизорите утврдиле дека надлежните институции не донеле Стратегија за мониторинг на животната средина и Програма за мониторинг на животната средина, кои се значајни за дефинирање на насоките за воспоставување на систематско набљудување, испитување и оценување на загадувањето и состојбата, како и регистрирање и идентификување на изворите на загадување на медиумите и областите на животната средина.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи