ВИДЕО – Крушево, борба за секоја капка вода – дали М. Брод ќе отстапи неколку извори за да се реши деценискиот проблем?

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Ако пред повеќе од 100 години борбата во Крушево се водела за создавање на сопствена и самостојна држава, денес во 21 век борбата се води буквално за секоја капка вода. Нема извор или поточе околу градот, во коријата, кое можело, а не се искористило за водоснабдување. Но за жал и таа вода е малку. Ова е еден од посушните региони кај нас, а тоа има огромно влијание врз животот во градот и секако врз туризмот.

Жан Здравески – Шапе е еден од најстарите угостители во Крушево. Вели дека поради немањето на вода често се случува туристите да откажуваат и аранжмани.

„Секој гостин кој доаѓа во Крушево логично е дека тој треба да се истушира и основни хигиенски работи да направи. Ако немате вода, автоматски е проблем со туризмот. Во летните периоди посебно кога е жешко времето се има случувано да откажуваат аранжмани“, вели Жан Здравески Шапе, угостител.

На ист став се и хотелиерите.

„Некогаш има рестрикции, некогаш има целосно запирање на водата. Тоа е многу тешко за да го објасниме на нашите туристи, особено на странците кои се зачудени во 21 век да има проблем со водоснабдување. Минатата година се случи дефект на пумпите, имавме проблем 4 дена градот без водоснабдување бевме останати и ние се соочивме со откажување на доста од закажаните термини на нашите гости“, истакна Методија Стојчески, менаџер на хотел „Панорама“.

За нормално функционирање на Крушево му се потребни 25 литри во секунда, која сега се надополнува со вода од Регионалниот водовод „Студенчица“ која пак се качува до Крушево со помош на оваа пумпа кај селото Норово, од 400 до 1.400 мнв.Тоа Јавното претпријатие „Комуна“ го чини и по 10 до 15.000 евра месечно сметка за електрична енергија. Пари кои тие ги немаат и само се акумулира долгот кон ЕВН.

Кои се најкритичните месеци?

„Најкритичните месеци се сега, август, септември, октомври и јануари кога Крушево е полно со туристи и тогаш имаме доста голема потрошувачка“, вели Перо Николоски, раководител на сектор Водовод во ЈП „Комуна“ – Крушево.

 Колку често рестрикции на вода има во Крушево?

 „Па има доста“, вели Николоски.

 Како се прават тие рестрикции во градот?

„Пола град има неколку часа, пола други, некогаш има целосна рестрикција“, додаде Николоски.

Излезот во моментов се гледа во земање на вода од изворите кај селото Сланско кои територијално припаѓаат на Општина М. Брод. Но жителите и Општината не ги даваат тие извори веќе со години.

Зошто ситуацијата е ваква, што викаат жителите, кое е оправдувањето?

„Па према мои информации таму се наводнува, а ние ја бараме водата за пиење. Ние моежеме тој проблем да го решиме, баравме неколку алтернативи, тие 3 месеци што ни се критични нас да ја дозафатиме таа вода, а потоа да се врати во самото село Сланско и во Македонски Брод“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Општина Крушево.

Со теренско возило тргнавме да видиме каде се наоѓаат овие извори. Се возевме по доста непристаспен терен, а наместа моравме и да го расчистуваме патот, за да стигнеме до местото.

Моментално се наоѓаме на територијата на општина Македонски Брод. Зад нас се наоѓаат дел од изворите кои општина Крушево веќе ги користи за свои потреби. За колкава количина на вода станува збор и колку извори користите?

„Моментално користиме едни извори од овој дел кој се вика Јачмениште и дел имаме на таа страна и други извори под Бушева Планина. Од сите извори добиваме од 4 до 5 литри во секунда“, вели раководителот на одделението за водовод Николоски.

Уште колку литри во секунда му се потребни на Крушево за нормално водоснабдување?

„Па уште 5 до 6 литри во секунда би било доволно за градот Крушево да се снабдува без уклучување на пумпните станици, да си биде сето по гравитација. Без приклучување на регионалниот водовод Студенчица“, кажа Николоски.

Стигнавме и до изворите за кои сега е води спор помеѓу двете општини?

За што се употребува оваа вода?

 „Оваа вода се употребува сега најверојатно само за наводнување, бидејќи никаде не е приклучена. Изворите не се поврзани“, истакна Николоски.

 Селото Сланско има други извори за вода за пиење?

 „Па има други извори, и на претходното каде што бевме таму имаше други извори кои се доста големи и мислам дека тие извори би го задоволиле селото Сланско“, тврди Николоски.

 Преку планината слеговме и до селото Сланско да ги прашаме жителите за целата оваа ситуација. Но за жал никој не сакаше да даде изјава во камера. Позади камерите велат дека Крушево веќе имало земено извори од територија на М. Брод. Овие извори кои сега ги бара Крушево ги користеле како вода за пиење и за да се одржува биолошкиот минимум на реката Слаешница. Велат не дека не сакаат да му дадат вода на Крушево туку реално немало толку вода. На ист став се и од Општина М. Брод од каде исто така не сакааа да дадат изјава во камера.

Дали Крушево ќе добие вода во идинина најмногу ќе зависи од тоа колку двете општини ќе сакаат да си помогнат едни со други, да седнат на маса и да најдат прифатливо решение и за двете страни.

„Со оваа сторија, Инфо компас се приклучува кон кампањата „Разбистри се`“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.“

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи