Законот за дивоградби е готов и деновиве ќе биде доставен до Влада

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Законот за бесправно изградени објекти е во нацрт верзија, веќе се комплетира и деновиве ќе биде доставен до Владата на усвојувањe.

Законот, кој пратениците на опозицијата и власта заедно го изглaсаа во мај, откако не беше потпишан од претседателот Стево Пендаровски по големиот број реакции од јавноста, беше вратен на доработка и измени на спорните членови во Министерството за транспорт и врски.

Министерот Благој Бочварски денеска изјави дека спорните делови и забелешките кои ги добиле од стручната јавност се земени предвид со новото законско решение и сега повторно се почнува постапката за негово усвојување.

Бочварски посочи дека откако ќе помине Законот на Влада, ќе биде прикачен на ЕНЕР и ќе оди по редовна постапка во Собрание, со активно учество на сите засегнати страни.

„Откако ќе помине на Влада ќе оди по редовна постапка во Собранието, со што очекуваме сите заинтересирани и засегнати страни да земат активно учество и да го видат законот. Направивме квалитетни подобрувања после сите опсежни консултации со Асоцијацијата на архитекти, со Комората на овластени архитекти и со дел од политичките партии“, рече Бочварски.

Со новото законско решение нема да се дозволи легализација на дивоградби во заштитени подрачја, како што се предвидуваше со претходното решение. Ќе биде воведена скалеста цена на комуналии односно колку објектот е поголем толку поголема ќе биде стапката по која ќе се пресметува висината на комуналиите.

„И понатаму нема да се дозволува легализација на станбени објекти. Направивме доста консултации, оставаме можност фелата да се изјасни и во наредниот период. Отворени сме за секое прашање со цел подобрување на законското решение“, рече Бочварски.

Како што додаде Бочварски, Законот е суштински потребен за ранливите категории на граѓани и за граѓани на кои им е потребен покрив над глава.

„Аспектот на проширување на границата е за оние категории на граѓани кои имаат ниски примања за да не плаќаат давачки кон општините, исто така за комунален надоместок ќе се прошири, ќе се опфати не само за социјално ранливите категории на граѓани, туку и со луѓето со ниски примања и секако ќе има прогресивно плаќање на комунален надоместок, согласно големината на објектот, заради тоа што овој Закон е суштински потребен за ранливите категории на граѓани и за граѓани на кои им е потребен покрив над глава, не за нечиј луксуз“, рече Бочварски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи