Започна вакцинацијата без закажан термин, а започна и теренската вакцинација


Теренската вакцинација против Ковид-19 и без закажување на термин започна низ земјата. Процесот е организиран од здравствените домови од секој град, а ќе се одвива без прекин со веќе направен распоред.

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека нема да се оди само еднаш во некое оддалечено населено место, со што на овој начин, според него, значајно се олеснува пристапот на граѓаните до вакцина на целата територија на државата.

„Буквално во сите рурални и оддалечени места кои што гравитираат кон еден здравствен дом. Распоредите ги правеа директорите на здравствените домови. Ниту едно место не е пропуштено. Значи буквално во секое место ќе оди екипата и ќе се вакцинираат сите на местото кое што е одредено за вакцинација а кои што ќе покажат интерес во текот на денот. Тоа ќе се повтори тогаш кога ќе заврши циклусот и кога ќе се поминат сите места одредени од здравствените домови“, рече Филипче на отворање на новиот вакцинален пункт во Шуто Оризари.

Филипче потврди дека во неколку пунктови е регистрирана гужва во утрински часови, бидејќи, како што рече, најверојатно граѓаните сакаат да се вакцнираат додека е поладно.

„Мислам дека е добар систем да продолжиме без закажување за да биде што поголем интересот и пристапот за граѓаните во било кој дел од денот кога можат да дојдат и да не бидат вратени да се вакцинираат. Ќе разговарам со директорите од сите здравствени домови да видам како да се организира редот“, рече Филипче.

Бројот на лица кои досега изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 496.228 граѓани. На вакциналните пунктови во државата, според последните податоци од Минситерството за здравство, вакцинирани се вкупно 417.141 граѓани.

Со последните бројки 54 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 52 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 47 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 39 проценти од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи