Личните карти со „Република Македонија“ ќе важат до 2024 година, податоци ќе се пишуваат на македонски и на јазиците на сите етнички заедници

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за лична карта, во прво читање денеска е пред Собраниската Законодавно-правна комисија.

Личните карти кои го содржат натписот „Република Македонија“, издадени до денот на почнувањето на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во личната карта, најдоцна до 12 февруари 2024 година.

„Со оглед на фактот што Република Северна Македонија е мултиетничка држава, во која живеат припадници на повеќе етнички заедници, а во релација со донесувањето на  Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 7/19), истите правото на издавање на личната карта (во поглед на јазикот на кој ќе се издава образецот на личната карта, како и јазикот на кој ќе се испишуваат податоците во неа), можат да го остварат и на јазикот и писмото кои тие ги употребуваат.

Во овој контекст, укажуваме дека со предлагањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта се цели кон проширување на можностите кои би ги имале припадниците на заедниците во процесот на издавање на личната карта, а во насока на јазикот на кој ќе им се печати образецот на личната карта, како и на јазикот на податоците кои ќе се впишуваат во неа.

За таа цел, се предлага донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за личната карта“, се вели во законските измени, кои се на дневен ред на Законодавно-правната комисија.

Претседателот на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците Соња Мираковска за МИА изјави дека овој закон е предлог на Министерството за внатрешни работи.

„Измените кои се внесени во овој закон се однесуваат на можноста граѓаните кои не се Македонци, а се повеќе од 20 отсто, да може во личната карта податоците да бидат впишани по службена должност и на нивниот јазик. Исто така и лицата кои не се Македонци, а се помалку од 20 отсто, на нивно барање ќе може податоците да им бидат впишани и на јазикот кој го зборуваат“, појасни Мираковска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи