Царовска на состанок со градоначалници и директори на училишта за подготовки за новата учебна година


Со цел да се запознае со подготовките на училиштата за новата учебна година министерката за образование и наука Мила Царовска, денеска одржа редовен состанок со градоначалниците, директорите на училиштата и задолжените лица за образование во локалните самоуправи.

Тема на разговор на состанокот беше подготвеноста за имплементација на новите наставни програми за прво и четврто одделение кои согласно новата Концепција за основно образование треба да стартуваат од 1 септември годинава.

На состанокот беа споделени информации за техничката подготвеност со опрема со која располагаат училиштата, неопходна за успешна реализација на зацртаните реформи. Исто така, градоначалниците и директорите истакнаа дека интензивно се подготвуваат и заедно со МОН ќе обезбедат навремен почеток на учебната година и спроведување на новите наставни програми.

Министерството за образование и наука продолжува со подготовката на дигиталните материјали за учење и покрај повлекувањето на предлог законот за учебници од собраниска процедура. Новите материјали за учење се изработуваат согласно усвоените нови наставни програми кои треба да обезбедат поголема интерактивност за време на наставата и да го поттикнат креативното и критичко размислување кај учениците.

Сите промени во основното образование се предвидени со новата Концепција, усвоена преку широка јавна дебата при што предвид е земено мислењето на сите засегнати чинители, а особено и на експертската јавност.

Во април се одржа обука на 22 универзитетски професори и 22 наставници од основните училишта, со што започна планот за обучување на наставниците за принципите на новата Концепција за основно образование и начинот на примена на новите наставни програми за прво и четврто одделение. Тие ќе треба да стекнат компетенции на обучувачи и потоа нивните искуства да ги пренесат на околу 3.000 други наставници.

Од следната учебна година, предвидено е новата концепција за основно образование да се спроведе во прво и четврто одделение, додека наредната година, по неа да учат и учениците од шесто одделение.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи