Договор за вработување

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Договорот за вработување претставува правен основ за засновање работен однос. Тој е формален договор што се склучува во писмена форма. Се чува во работните простории во седиштето на работодавачот и примерок од него му се врачува на работникот на денот на потпишувањето. Договорот за вработување во себе ги содржи заемните права, обврски и одговорности на двете договорни страни. Утврдените права, обврски и одговорности се во согласност со оние утврдени во Законот за работните односи и во колективните договори. Договорот за вработување не може да содржи одредби со кои на работникот му се даваат права и обврски што се понеповолни од оние што се утврдени со закон или со колективен договор.

Содржината на договорот за вработување е утврдена во Законот за работните односи (чл. 28). Помеѓу останатите одредби, договорот за вработување треба да содржи и одредби за:

  • -називот на работното место (со краток опис на работата што ќе ја врши работникот според договорот за вработување);
  • -времето на траење на работниот однос (кога е склучен договор за определено време);
  • -дневното или неделното редовно работно време и распоредувањето на работното време;
  • -висината на основната плата (која се изразува во паричен износ што му припаѓа на работникот за вршење на работата според закон, колективен договор и договор за вработување);
  • -другите надоместоци што му припаѓаат на работникот за вршење на работата според закон и колективен договор;
  • -годишниот одмор, односно начинот за определување на годишниот одмор.

Во договорот за вработување може да се предвидат и други прашања, кои не се утврдени во Законот за работните односи, но кои  не отстапуваат од општите права утврдени во овој закон и во колективните договори. Измената на договорот за вработување (т. е. промената на условите на договорот за вработување) може да биде предложена од страна на работодавачот или од страна на работникот. Таквата измена може да биде извршена само доколку и двете страни се договорат (согласат) за предложената промена на условите и за тоа склучат „анекс на договорот за вработување“. Измената (анексот) на договорот за вработување му оневозможува на работодавачот еднострано (без согласност на работникот) да изврши промена на работното место или на кој било друг суштествен услов во договорот за вработување на работникот (на пример, намалување на платата, промена на местото на работа или промена на работното време од полно во неполно или обратно).

Во практиката, честопати промената на условите во договорот за вработување е резултат на укинување на работното место или намалување на обемот на работа на работодавачот. Ваквите промени го ставаат работникот пред изборот „да ги прифати променетите услови на работодавачот што вообичаено водат кон намалување на платата“ или, пак, „да ја загуби својата работа“.

Доколку работникот ги прифати променетите услови, тогаш изменетиот договор го заменува постојниот договор за вработување и нема ништо спорно помеѓу договорните страни. Но, доколку работникот одбие да го склучи анексот на договорот со кој се менува постојниот договор за вработување, работодавачот може да ја оствари својата намера единствено врачувајќи му на работникот „отказ на договорот за вработување со понуда на нов променет договор“. Во овој случај на „отказ на договорот за вработување со понуда на нов променет договор“ истовремено се откажува постојниот договор за вработување, при што на работникот му се предлага склучување договор за вработување под изменети услови.

Двата дела (отказот на договорот за вработување и понудата на новиот и/или променет договор) мора да бидат меѓусебно поврзани и да бидат составен дел од еден ист акт „отказ и понуда на нов променет договор“. Работодавачот мора да има основана причина за отказ, без оглед на понудата на нов променет договор за вработување, а работникот мора да се изјасни за новиот променет договор за вработување во рок од 15 дена од денот на приемот на понудата. Согласно македонското работно законодавство, отказот со понуда на нов променет договор за вработување може да има два различни исходи: прифаќање на понудата и неприфаќање на понудата за новиот променет договор за вработување.

пишува: Здружение Достоинствен Работник.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи