Започна кампањата за намалување на бројот на непријавени работници

Facebook
Twitter
Email
Print


Справувањето со неформалната економија и потребата и значењето да се формализираат тие работни места како за работниците така и за општеството, се исклучително важни прашања и во регуларни услови, но тоа е особено важно во услови на ваква сериозна економска и здравствена криза предизвикана од пандемијата ковид-19, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на промоцијата на кампањата за справување со непријавената работа „За да имаш подобар персонал – грижи се подобро за персоналот“, во организација на Меѓународната организација на трудот.

Министерката известива дека преку економските мерки Владата успеала да спаси најмалку 80 000 работни места и значајно да го ублажи падот на БДП, но нагласи дека комплицирано беше со оваа помош да бидат опфатени неформалните работници.

„Не беше лесно да се креираат мерки кои ќе ги таргетираат вработените во неформалната економија, бидејќи реално тие не беа дел од системот. И затоа е важна формализацијата на секое работно место, затоа што тоа значи сигурност, извесност но и начин на заштита на работничките права“, вели Шахпаска.

Таа посочи дека Владата и Министерство за труд и социјална политика преземаат системски решенија за формализирање на неформалната економија, како што е Стратегијата за формализација на неформалната работа за периодот 2018-2022 година, преку која ќе се создаде сеопфатен и конзистентен систем за ефикасно намалување на неформално вработените, намалување на нерегистрираните деловни субјекти, како и намалување на неформалните активности во рамките на формалната економија.

Целиот проект е финансиран од Европската Унија, а на прес-конференцијата присуствуваше и Фреек Јанмаат, раководител на одделот за операции во Европската Делегација во Скопје, кој потенцира дека непријавената работа е проблем на сите и има повеќе негативни последици врз работниците компаниите и општеството.

„Ангажирањето непријавени работници создава нееднакви услови за субјектите на пазарот, а лицата кои од различни причини работат на ваков начин, не можат да ги остварат своите права. За да ја анулираме оваа појава мора заеднички да се заложиме и да создадеме силна системска рамка“, вели Јанмаат.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи