Кој најдобро заработува во индустријата со брзи кредити?

Facebook
Twitter
Email
Print


Во претходниот текст предмет на анализа беа остварените приходи на најголемите 7 финансиски друштва за изминатите 3 години. Денес, вниманието ќе го насочиме кон остварената нето добивка, односно чистиот профит кој останува за сопствениците/акционерите, а исто така ќе се осврнеме и на бројот на вработени кои делуваат во овој сектор.

Првичниот впечаток е дека како што одминува времето и се развива пазарот, така се зголемуваат и добивките на компаниите. Растот на бројот на производи и зголемениот интерес кај граѓаните допринесуваат за стабилизација на бизнисот и солидна основа за иден раст.

Порталот Pari.com.mk, заедно со платформата на бонитетни податоци на БизнисМрежа.мк ексклузивно ги објавуваат податоците за остварена добивка во следната табела:

⦁ Лидер во оваа категорија за изминатата година е Кредитен Центар БС. Оваа компанија е единствена што остварила добивка поголема од 1 милион ЕУР, или ја завршила годината со профит од 1.5 милиони ЕУР. Ова е далеку најдобар резултат во оваа конкуренција, ако се знае податокот дека второ рангираната компанија нема ни половина од успехот на Кредитен Центар БС. Дополнително, оваа компанија заедно со Диџитал Фајнанс (позната како Форца), се единствените што во последните 3 години имаат позитивни трендови, односно остваруваат подобри резултати од година во година. Кај останатите забележани се циклични движења.

⦁ Единствена компанија која ја завршила 2020 година со нето загуба е ИУТЕ Кредит, со 262 илјади ЕУР. Оваа ситуација е по малку чудна бидејќи, токму оваа компанија беше неприкосновен лидер по основ на остварени приходи. Дополнителна анализа треба да се направи на расходната страна од билансот на успех, со цел да се евидентираат причините за овој резултат.

⦁ 4 компании од оваа листа директно ги осетиле негативните аспекти на корона кризата што влијаело и врз нивните добивки, односно во 2020 година забележан е пад на добивките.

Она што треба да се нагласи е дека овие компании се уште се во процес на стабилизација и во голема мера нивните буџети се оптоварени со трошоци за отварање на продажни места, инвестирање во технологија и вработени. Од аспект на бројот на вработени и отворените експозитури може да се забележи дека нивниот број постојано расте. Она што е контрадикторно е дека токму овие финансиски друштва требаше да бидат носители на проектот за финтек институции, што подразбира целосни технолошки решенија. Токму во овој дел затаи менаџментот, или пак барањата на потрошувачите се уште се емотивно поврзани со традиционалниот шалтерски начин на работа…

Во следната табела генерирана од БизнисМрежа.мк прикажан е бројот на вработени за последните 3 години.

Износите се изразени во евра | Извор: БизнисМрежа.мк

Единствена светла точка, која работи во согласност со светските трендови за финтек компанија е Кредисимо. Компанијата работи без ниту еден вработен и е целосно насочена кон инвестиции во технолошки иновации. Од друга страна најголем роботодавец со 88 вработени е М Кеш, а исто така кај нив евидентиран е и најголемиот пораст од вкупно 70 вработени, за период 2019-2020 година. Тиго Фајнанс во 2020 година го намалиле бројот на вработени но тоа корелира и со затворените продажни места. Оваа ситуација се очекува да се промени оваа година бидејќи во последните неколку месеци активно го зголемуваат своето присуство со ново-отворени експозитури.

Редакција Пари

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи