Празник на Светиот Прокопиј – не се работи за да не го прокопа порој полето и за да се децата прокопсани

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Денот на Светиот Прокопиј се смета како тежок празник за да не го прокопа порој полето, а жените го држат празник за да им се прокопсани децата, убаво воспитани и морални, без пороци.

Роден е во Јерусалим, од татко христијанин и незнабожна мајка. Името најпрво му беше Неаниј. По заминувањето на таткото, мајката го воспита синот сосема во духот на римското идолопоклонство. Кога Неаниј порасна, го виде еднаш царот Диоклецијан и толку го засака, што го зеде кај себе во дворецот на војничка служба. А кога овој злочестив цар почна да ги гони христијаните, го одреди Неаниј да оди со еден одред војска во Александрија за во неа да ги сотре христијаните. По патот на Неаниј му се случи нешто слично како на Савле.

Во третиот час од ноќта стана голем земјотрес, при што му се јави Господ и се слушна глас: „Неаниј, каде одиш и на кого стануваш?“ Во голем страв Неаниј запраша: „Кој си ти, Господи? Не можам да те познаам.“ Во тој миг во воздухот се јави пресветол крст, како од кристал, и од крстот дојде глас: „Јас Сум Исус, Синот Божји“. И уште Господ му рече: „Со знакот што го виде победувај ги непријателите свои и мирот Мој ќе биде со тебе.“ Тој настан потполно го смени и го преврте животот на војводата Неаниј. Тој даде да му се направи онаков крст и место да појде против христијаните тргна на Агарјаните коишто тогаш удираа на Јерусалим. Како победник влезе во Јерусалим и ѝ објави на мајка си дека е христијанин. Изведен пред судијата ги симна и ги фрли од себе појасот и мечот војводски за да покаже дека е војник само на Царот Христос.

Преданието раскажува дека заедно со Прокопиј биле измачувани и дваесетина девојки затоа што станале христијанки. Прокопиј ги советувал да истраат во верата и во смртта да појдат со задоволство како да одат на свадбен церемонијал. Поради тоа што ги поврзал бракот со христијанската чистина Прокопиј се споменува во црквата при венчавањето.

Споменот на Светиот великомаченик Прокопиј се празнува на 21/8 јули, овој ден народот го смета за тежок празник и тогаш не се работи.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи